300 учесници од 6 земји ќе учествуваат на четвртиот „Стопанска Триоги“ триатлон кој утре ќе се одржи во Скопје

Четвртиот градски триатлон – спринт дистанца „Стопанска Триоги“ триатлин 2024 ќе започне утре во 8:15 часот со првата категорија на базенот „Борис Трајковски“. Сениори, мастерси, јуниори и рекреативци први ќе испливаат 750 метри, ќе возат 20 километри велосипед, па ќе следува трчањето на 5 км.

Пливачкиот сегмент ќе се одржи на Базенот „Борис Трајковски“, за велосипедскиот сегмент ќе се користи дел од булеварот Илинден, а трчањето ќе биде околу спортскиот центар.

Речиси 300 натпреварувачи од 6 земји се пријавија на четвртото издание на единствената триатлон-трка што се организира во Скопје, а како што велат организаторите, од година во година побудува се поголем интерес кај триатлонците од Македонија, но и од регионот, како и од рекреативците, што сакаат да се пробаат во овој спорт.

„Неизмерно сме среќни што дојдовме до денот за реализација на нашата четврта трка. Патот не беше лесен во времиња и околности тешки за спортот, но не се откажавме, а за среќа, попат наидовме на пријатели и компании и подржувачи што точно знаат што значи да се бориш за одредена идеја и цел. Ќе го направиме Скопје уште еднаш горд град и рамо до рамо со сите големи триатлонски метрополи. Ја поканувам публиката да излезе и да им даде поддршка на спортистите, зашто тоа е многу важно за една трка“, вели организатор на трката од клубот „Триоги рејсинг“ од Скопје Данчо Ѓорѓијевски.

Триатлонците ќе се натпреваруваат во следните категории:

– Сениори (2004 и постари): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање;

– Јуниори (2005-2008): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање;

– Кадети (2009-20011): 375м пливање, 10км велосипед, 2,5км трчање.

– Деца 2 (2012-2014): 175м пливање, 4км велосипед, 1км трчање;

– Деца 1 (2015 и помлади – рекреативна категорија): 75м пливање, 2км велосипед, 500м трчање;

– Мастерс 1 (1994-1985): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање;

– Мастерс 2 (1984-1975): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање;

– Мастерс 3 (1974 и постари): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање;

– Тимски триатлон: Tимoвите треба да се состојат од 3 члена (барем еден учесник од машки и еден од женски пол). Секој учесник штафетно одработува по една од дисциплините на спринт дистанцата: 750м пливање, 20км велосипед или 5км трчање.

Поради трката, утре во Скопје ќе има и посебен режим на сообраќај од 8:30 до 12:30 часот.

„Посебниот режим на сообраќај ќе опфати дел од уличната мрежа околу СЦ „Борис Трајковски“ и дел од бул.„Илинден“ (десна коловозна лента), потоа на потегот од крстосницата со бул.„8 Септември“ до крстосницата со ул.„Никола Парапунов“, и обратно. Исто така, на 19.05.2024 (недела) со почеток во 09.45 часот, поради одржување на спортско-рекреативен настан „Прв до врв“, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по трасата по која ќе се движат натпреварувачите на велосипедската трка, и тоа: со почеток пред Музеј на град Скопје – ул.„Св.Кирил и Методиј“, потоа лево по бул.„Св.Климент Охридски“, во продолжение право по бул.„Мајка Тереза“, лево по ул.„Тодор Александров“, во продолжение по локален пат за Средно Водно до врв на Водно („Милениумски крст“).  Трасата на движење на планинарите е: со почеток во 10.00 часот од пред ОУ„Кочо Рацин“ на бул.„Мајка Тереза“, право по ул.„Тодор Александров“ и кај ул.„Салвадор Аљенде“ десно, по планинската патека кон Средно Водно, а од Средно Водно кон Врв на Водно („Милениумски крст“). Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот“, соопштија од МВР.