ВВФ за претстојниот КОП27: Сега е последниот момент за спречување климатска катастрофа

Во годината која ќе биде запаметена по најголемите суши во историјата, Светската организација за заштита на природата (ВВФ) повикува на јасна и решителна транзиција од апстрактни ветувања кон акција пред отворањето на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени КОП27, која започнува во недела во Шарм Ел Шеик, Египет, соопшти оваа организација.

ВВФ ги предупредува глобалните лидери дека климатската криза се движи побрзо од нашата реакција и дека луѓето и пејзажите ширум светот ги трпат катастрофалните последици од неактивноста.

„Степенот на климатската катастрофа е веќе јасен во светот, таа уништува животи и средства за живот, а ние брзо ја губиме биолошката разновидност. Отстапивме од курсот да го задржиме затоплувањето на планетата на 1.5 степени Целзиусови и ни истекува времето за да преземеме трансформативни акции како би избегнале најстрашна и непоправлива штета за општеството и екосистемите“, нагласува Наташа Калауз, извршен директор на ВВФ Адрија.

Во соопштението се наведува дека минатата година беше година на незапаметени поплави во Пакистан кои оставија една третина од земјата под вода, додека другите делови на светот беа опустошени од топлотни бранови, суши, пожари и засилување на тропските бури, и затоа ВВФ ги повикува лидерите да обезбедат напредни договори за адаптација и финансирање на загубите и штетите.

Тие велат дека на ранливите заедници и земји итно им е потребна помош, па затоа е од клучно значење меѓународната заедница да се обедини за да им помогне во процесот на прилагодување, да изградат отпорност и да се справат со неправедните трошоци од климатската криза.