Лука Меновски е матурант со широко подрачје на интерес. Главно се занимава со бодибилдинг, во поширока смисла со спортот, а како момент на откривање подлабока суштина вободибилдингот издвојува лекција која ја научил на часовите по филозофија. Вели дека најмногу го заинтригирала Платоновата алегорија за пештерата. Во разговорот за Радио МОФ, тој раскажува што му значи тренингот, како му помогнало читањето на Марко Аврелиј и зошто, кога гледа фотографии од фитнес-инфлуенсери, повеќе го интересира трудот зад нивниот изглед отколку самата фотографија.
„Секој човек барем еднаш се соочува со прашањето дали да излезе и да го истражи непознатото“
Бодибилдингот е дел од секојдневието на Лука. Покрај времето што го поминува во теретана, важни му се исхраната и спиењето. Во слободното време сака да се дружи, да чита и да готви.
„Како секојдневен аспект од животот ми спаѓа бодибилдингот, заради тоа што јас верувам дека е начин на живот. Исхраната, спиењето и суплементирањето се еднакво важни како и тренингот. Тоа секогаш ме опкружува во што и да правам. Не би можел поинаку, тоа е тоа што го сакам и сакам да ме опкружува. Исто така, многу сакам да се дружам и да излегувам, да гледам серии, да читам книги и да готвам“, вели Меновски.
Интересот за филозофијата кои ги изучува во „Алгоритам“ го поврзува со прашањата што си ги поставувал уште како дете. На час, особено го заинтересирал изборот што го препознава во Платоновата алегорија за пештерата.
„Уште како мал секогаш ми збореле дека многу филозофирам. Многу ми е интересен моментот на константно запрашување за смислата на животот и неговите принципи. Најмногу ме поттикна да размислувам Платоновата алегорија за пештерата, бидејќи мислам дека секој човек барем еднаш се соочува со прашањето дали да излезе и да го истражи непознатото или да седи во пештерата“, раскажува тој.
Од филозофите го издвојува Марко Аврелиј. Читањето на „Медитации“ му помогнало да обрне повеќе внимание на сопствените мисли кога се соочува со околности врз кои има мало влијание.
„Марко Аврелиј, дефинитивно. Мислам дека „Медитации“ е многу напредно дело и дека принципите на секојдневниот стоицизам важат и до ден-денес. Мене лично ми има помогнато со тоа да се фокусирам само на внатрешните мисли и да не им давам многу внимание на екстерните фактори“, вели Меновски.
Во секојдневните ситуации се обидува да обрне внимание на тоа како ги толкува случувањата. Утеха наоѓа и во својата христијанска вера.
„Во скоро секоја ситуација со која се соочувам, пробувам да се сетам на мислата дека секоја ситуација е неутрална и дека нашата перцепција е таа што одредува како ќе ја доживееме. Исто така, бидејќи сум христијанин по вера, во секоја ситуација ме утешува идејата за Божјиот план“, додава тој.
„Во тренингот јас можам преку вежби да ги изразам сопствените чувства“
Кај тренингот го привлекува чувството дека може самиот да одлучува како ќе вежба. Теретаната за него е и место каде што може да ги изрази своите чувства и да го подобри расположението.
„Ме привлекува контролата што ја имаме врз нив. Во тренингот јас можам преку вежби да ги изразам сопствените чувства, мисли, знаење и друго. Има и една позната изрека дека немало човек што излегол од теретана понесреќен отколку што влегол. Јас можам да потврдам дека во последните три години тоа ниту еднаш не ми се случило“, вели Лука.
Кога зборува за поврзаноста меѓу физичката активност и менталното здравје, Лука го посочува свесното насочување на вниманието кон мускулите при вежбање. Во неговата претстава за добра тренинг-програма, место има и одморот.
„Мислам дека се многу тесно поврзани. Дури и во основните принципи на вежбањето се спомнува врската помеѓу умот и телото (mind-muscle connection). Поради фактот што се толку тесно поврзани, мислам дека секој човек би имал корист од некаква физичка активност за неговото ментално здравје. Исто така, верувам и дека физичката преоптовареност придонесува кон лошо ментално здравје, затоа треба да се направи добра програма во која има простор и за адекватен одмор“, објаснува тој.
За Лука, дисциплината подразбира да си ги одредиш приоритетите и да оставиш време за работите во кои уживаш. Заедничкиот тренинг го гледа како една можност вежбањето да се спои со дружењето.
„На оваа наша возраст ние созреваме и се градиме како возрасни индивидуи. Затоа верувам дека во умерена количина треба да се практикуваат и да се ужива во сите аспекти. Дури, ако има простор да се искомбинираат дружењето и тренингот, тоа би било одлична и забавна инвестиција на слободното време. Но, секако, тоа значи да се има дисциплина и да се знаат и одредат приоритетите“, вели Меновски.
„Секој од нас може повеќе, подобро и побрзо“
На социјалните мрежи Лука наидува на фитнес-совети со различен квалитет. Вели дека повеќе им верува на авторите што објаснуваат на кои истражувања ги засноваат своите препораки.
„Во фитнес-индустријата многу е честа појавата на лажни или недоволно истражени совети од помали и средни инфлуенсери. Најчесто познатите фитнес-инфлуенсери, и тие со најголем кредибилитет, даваат општи примери и добри информации кои се истражени и потврдени од научни студии. Познати инфлуенсери како Џеф Нипард, Џејкоб Естрајхер и TNF имаат проверени информации кои носат резултати“, смета тој.
Фотографиите од фитнес-инфлуенсерите, според Лука, лесно можат да поттикнат споредување. Него го интересира колку години тренинг и дисциплина стојат зад нивниот изглед. Смета дека секој може да напредува со редовно вежбање и дека вреди повремено да застане и да погледне колку напредувал.
„Ако отвориме која било социјална мрежа, ќе видиме стотици инфлуенсери со неверојатна градба. Но никогаш не седнуваме да се запрашаме колку труд и време се вложени во таа градба. Тие луѓе најчесто имаат високо ниво на дисциплина и долгогодишно искуство во тренингот. Јас верувам дека ако ја имаме истата дисциплина, и ние ќе имаме големи резултати. Но тоа сепак не значи дека ќе ја имаме истата градба. Секој човек е посебен, а со споредбата им дозволуваме на негативните мисли да ја контролираат таа посебност. Секој од нас може повеќе, подобро и побрзо, но некогаш треба да застанеме и да сме задоволни од напредокот што сме го направиле“, заклучува Лука Меновски.
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ – Константинов
Можеби ќе ве интересира:



