Франција ќе ги следи влијателните видеокреатори пред претседателските избори

Францускиот медиумски регулатор Арком најави дека пред претседателските избори во 2027 година ќе следи како најгледаните француски видеокреатори ги претставуваат претседателските кандидати. Со тоа, надзорот над политичката застапеност во кампањата ќе се прошири и на влијателните автори на видеосодржини на интернет.

Претседателот на Арком, Мартен Аждари, на прес-конференција во Париз посочи дека дел од креаторите на „Јутјуб“ и на други платформи имаат поголема публика од традиционалните телевизиски канали. Нивното влијание е особено видливо кај младите, кои сè почесто се информираат преку онлајн видеа. Аждари појасни дека надзорот ќе ги опфати само француските видеокреатори со голема публика. Авторите на подкасти што се објавуваат само во аудиоформат ќе бидат изземени.

Според правилата на Арком, во почетната фаза од кампањата кандидатите треба да добијат простор за медиумско претставување сразмерно со нивната проценета изборна поддршка. Од 5 до 30 април, пак, за сите кандидати треба да се обезбеди еднакво време за претставување. Ова е уште еден чекор во регулирањето на онлајн содржините во Франција. Во 2023 година земјата донесе закон што предвидува парични и затворски казни за инфлуенсерите кои не обелоденуваат дека објавите им се платени или рекламираат производи на измамнички начин.