Камери во градски превоз во Франција контролираат дали патниците носат маски

Француската влада одобри употреба на надзорни камери, со цел да пресмета колку патници во јавниот превоз носат заштитни маски, пренесува „Н1“. Со новата владина уредба им се овозможи на операторите на јавниот превоз користење на интелигентен видео систем за мерење на стапката на носење заштитна маска во јавниот транспорт.

Француското надзорно тело за заштита на податоците (ЦНИЛ) соопшти дека „паметните“ камери се користат во автобусите, метрото и возовите, со цел да се добие увид во тоа колку патниците ја почитуваат мерката за задолжително носење заштитна маска.

Владата соопшти дека камерите ќе го следат бројот на луѓето кои носат маски, без да идентификуваат поединци. Слична иницијатива беше предложена уште во декември, но Владата ја остави таквата идеја настрана, откако од ЦНИЛ рекоа дека со тоа се „поткопува правилно функционирање на демократсткото општество“, и дека нема јасна законска рамка со која може да се оправда таков чекор.

Агенцијата соопшти дека по втор пат одлучила да ја одобри програмата за надзор, бидејќи Владата јасно ставила до знаење за целта на системот и утврди дека камерите нема да „обработуваат биометриски податоци“ и дека тие „не претставуваат уреди за препознавање на лицата на луѓето“.

Организациите за граѓански права реагираа многу брзо, велејќи дека тоа е дистописка идеја и „авторитативна офанзива“. Исто така, оттаму сметаат дека Владата ги прекршила француските закони, како и прописите на Европската унија во врска со обработката на лични податоци.