Илустрираната новогодишна сказна за деца „Четирите светлини на Новата година“ од Иван Антоновски е достапна во продажба

Издавачката куќа „Матица македонска“ наскоро ќе ја објави „Четирите светлини на Новата година“ од Иван Антоновски, илустрирана новогодишна сказна за деца чие дејство се одвива низ Македонија. Книгата е во печат, а веќе е достапна со попуст во претпродажба на веб-страницата на издавачот.

Во сказната, девојчето Илина и балканскиот рис Риско со санка од месечева светлина тргнуваат во потрага по четири изгубени светлини. Треба да ги пронајдат пред полноќ за Новата година да го најде патот до секој дом. Потрагата ги води низ карпите на Кокино, мозаиците на Стоби, Плаошник во Охрид, каде што оживуваат буквите, и снежното Крушево.

Меѓу моликите на Пелистер, трага во снегот е загатка дури и за Риско, а од Галичица Илина ги гледа Охридското и Преспанското Езеро во ист миг. Низ авантурата, младите читатели запознаваат места што можат да ги посетат и надвор од страниците на книгата.

Изданието содржи голема карта на Македонија, дванаесет мисии и креативни работилници. Децата можат да бараат скриени детали, да изберат ново патување за Риско или со своите блиски да направат театар на сенки. Во книгата има и простор за лична посвета, цртежи и записи.

„Матица македонска“ ја објавува книгата во годината кога одбележува 35 години од своето основање и ја најавува со пораката „Подарок за Нова година. Книга за цел живот.“