Масовни протести низ Франција – активистите бараат „вистински Закон за клима“

Во околу 160 градови ширум Франција вчера се одржаа протести за климата, а организаторите соопштија дека низ целата земја се собрале околу 110.000 луѓе, односно 55.000 луѓе во Париз и 10.000 во Лион, пренесува „Н1“.

Демонстрантите кои излегоа на протест на повик на неколку стотина организации и синдикати, од властите бараат „поамбициозна политика за екологијата“ и „вистински закон за климата“.

Францускиот парламент денеска почнува со разгледување на предлог-законот за клима, кој е резултат на работата на 150 членки на организацијата Граѓанска конвенција.

Властите дозволија да се одржат собирите низ земјата, со напомена за придржување кон мерките против епидемијата на коронавирусот.