КОП27: Во Египет започна конференцијата за климата на ОН во услови на големи светски кризи

Претставници од целиот свет вчера се собраа во египетското приморско одморалиште Шарм ел Шеик на разговори за справување со климатските промени додека светот се бори со повеќе кризи, вклучително и војната во Украина, високата инфлација, недостигот на храна и енергетската криза, јавува Евроњуз.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш минатата недела предупреди дека планетата се движи кон неповратен „климатски хаос“.

Тој ги замоли сите земји да најдат начин да го вратат светот на вистинскиот пат да ги намалат емисиите и да им помогнат на сиромашните да се справат со влијанијата на глобалното затоплување.

Повеќе од 40.000 учесници се регистрирани за овогодинешната конференција, што го одразува чувството на итност бидејќи големите временски настани ширум светот влијаат на многу луѓе и чинат милијарди долари.

Најавено е присуство на над 120 светски лидери, од кои многумина ќе говорат на настан на високо ниво од 7 до 8 ноември.

Додека американскиот претседател Џо Бајден се очекуваше да присуствува на настанот, многу врвни фигури, вклучително и кинескиот претседател Си Џинпинг и индискиот премиер Нарендра Моди не планираа да дојдат. Ова фрли сомнеж дали разговорите во Египет би можеле да резултираат со некои големи договори за намалување на емисиите без двајца од најголемите светски загадувачи.

Германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок рече дека разговорите се во сенка на рускиот напад врз Украина, кој предизвика политички и економски пресврти ширум светот.

„2022 не смее да стане изгубена година за заштита на климата. За многу држави се работи за опстанокот на нивното население и нивната култура. За нив, климатската криза останува најважното безбедносно прашање, а не руската војна во Европа“, рече Баербок.

Организациите за човекови права пак, го критикуваа Египет за ограничување на протестите и засилување на надзорот за време на самитот.