Тројца автори ја добија наградата „Најуспешен автор и дело“ на биеналето на млади уметници

Тројца млади автори рамноправно ја добија наградата „Најуспешен автор и дело“ 13.Меѓународно биенале на млади уметници – „Страст за лутање“, во организација на Музејот на современа уметност – Скопје. Наградени се Наташа Неделкова (Македонија), за делото насловено „Ткива на идентитет“, видео, 2020; Дарко Алексовски (Македонија), за делото „“Never Not in Love/Никогаш незаљубен“, просторна и видео инсталација, 2019 и Дритон Селмани (Косово), за скулптурата „No But No (or reverse) / Не но не (или обратно)“, 2019.

За првпат наградата, која се состои од самостојна изложба во Музејот на современата уметност – Скопје, се доделува на тројца автори и дела, кои жири комисијата ги доживеа за најубедливи достигнувања претставени на биеналето. Жири комисијата беше во состав: Ива Димовски (историчарка на уметноста), Велимир Жерновски (ликовен уметник) и Јане Чаловски (ликовен уметник).

Истовремено со оваа одлука се потенцира и потребата од поголема изложбена застапеност на младите автори во музеите, поддршка во развојот на нивната уметничка пракса и потенцирање на потребата за уште посуштинско и критичко промислување на темите, кои овие автори во овој момент се подготвени да ги отворат и споделат со публиката.

Наградените автори ќе имаат можност да остварат самостојна изложба во Музејот на современата уметност – Скопје во 2022 година, со средства што ќе бидат обезбедени од годишната програма на Министерство за култура на Република Северна Македонија.