„Младите размислуваат“ – медиумска писменост од прво одделение до факултет

Преку петгодишниот проект „Младите размислуваат“ ќе се работи на вклучување на медиумската писменост во наставните програми и ќе се едуцираат млади од прво одделение, па се’ до студентите во универзитетите. Меѓувремено, ќе се организираат и обуки за наставници од основните и средни училишта во цела држава, ќе се обезбедат ресурси, материјали за подготовка на наставниците, вклучувајќи прирачници и збирки на вежби. Од една страна, целта е да се изгради отпорност од дезинформации, а истовремено и да се гради активно, одговорно граѓанство водено од емпатија.

„Младите размислуваат“ е проект на УСАИД кој ќе го спроведува американската организација ИРЕКС со своја локална канцеларија во Скопје, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието (БРО).

ИРЕКС ќе работи и со Институтот за комуникациски студии, Младинскиот образовен форум и ново-создаденото младинско советодавно тело „Учиме да распознаваме“ (УРА тим), како прво од ваков вид. Со него, младите во земјата треба да имаат важна и активна улога во осмислувањето на активностите, кроењето политики и донесувањето одлуки на државно и локално ниво.

Според директорот на проектот Михајло Лахтов, сите анализи укажуваат дека борбата против дезинформациите и пропагандата е најуспешна доколку образуваме млади луѓе кои ќе имаат критичен пристап кон медиумските содржини.

„Вклучувањето на медиумската писменост во наставните програми ќе гради млади генерации кои успешно ќе анализираат и ќе разбираат што е тоа што го добиваат како информација од медиумите. Исто така, професионално и одговорно да создаваат свои содржини што секојдневно ги емитуваат на своите социјални медиуми, на социјалните канали кои тие ги раководат“, рече Лахтов на денешната презентација на проектот во „Александар палас“, настан со кој беа отворени и годинешните Денови на медиумска писменост.

Амбасадорката на САД во земјава Кејт Мери Брнз изјави дека низ целиот свет дигиталните медиуми и печатените медиуми „се загадени“ од значителни манипулативни содржини. Дигиталните содржини, вели таа, во голема мера се под доминација на информации кои најчесто се неверификувани, сензационалистички или пак субвенционирани од политички или бизнис интереси. Според неа, сега се прави нов чекор за публиката, токму со проектот „Младите размислуваат“.

„Медиумската писменост денеска значи многу повеќе, од колку само обична можност да читаш и да пишуваш. Таа во себе ги опфаќа способностите да пребарувате, критички да оценувате и да проценувате најчесто меѓусебно конфликтни информации за да се создаде дебата и да се одбрани мислење кое е базирано на факти и на докази“, рече Брнз.

Од ресорното министерство посочија дека со новата Концепција, медиумската писменост се изучува како посебна тема во наставните програми по мајчин јазик, македонски, албански, турски, српски и босански.

„Во учебната 2021/2022, новите наставни програми започнаа да се реализираат во прво и четврто одделение, а медиумската писменост се изучува во овие две одделенија и постепено ќе се воведува во новите наставни програми за другите одделенија. Веруваме во овој концепт, зашто критички освестени граѓани можат активно да учествуваат во јавните дебати и да влијаат врз промените. Таквите граѓани ги предизвикуваат институциите на поголема транспарентност и отчетност“, рече министерката за образование Мила Царовска.

Средношколецот Марко Илиевски од гимназијата „Никола Карев“ истакна дека во денешно време интернетот е најзастапен во неговата генерација. Пример, Википедија е индиректно поврзана со образовниот систем, иако некогаш е подложна на сомнителни податоци, додека социјалните платформи како Фејсбук, Инстаграм, Тик-Ток и Јутјуб – директно влијаат на критичкото размислување на корисниците.

„Сведоци сме на позитивна инфилтрација на медиумите во самиот образовен процес. На пример, при музичко слушаме музика на радио, при ликовно знаеме да анализираме уметнички дела преку презентации или видео разговори, а на истиот начин може да го совладаме материјалот по македонски јазик или други научни предмети. Но, покрај тоа, вистински недостаток е отсуството на медиумската писменост во училишната програма. Она што дознаваме за неа најчесто доаѓа од општото познавање. И, сето ова укажува дека узучуваме застарена училишна програма, во која нема доволно обновени информации, не се доволно имплементирани самите медиуми како фактор“, нагласи Илиевски.

Тој додаде дека медиумската писменост би имала позитивно влијание врз самите личности, врз учениците, и како тие да стекнат свое „јас“, односно отпорност кон туѓото и лажното тврдење.

Ивана Наскова, надворешен соработник во Комисијата за наука при Универзитетското студентско собрание, нагласи дека зборот медиуми често се злоупотребува во јавниот дискурс. Пример, вели таа, политичарите можат да ги обвинат медиумите што ги прикажуваат во некое светло.

„Но, терминот медиуми покрива многу повеќе отколку само вестите на една новинарска организација. Живееме во време на медиумска заситеност, затоа што тоа е свет воден од потрошувачите. Факт е дека младите денеска ги добиваат скоро сите информации од популарната култура – масовната комуникација. Тоа е суштински елемент на медиумската писменост. Но, образовните институции прават многу малку за да им помогнат на младите да ја разберат. Концептите на медиумската писменост – анализиње, проценување, евалуација на содржини – не се застапени во основното, средното, ниту во високото образование. Тука многу важна улога игра и кадарот и академијата. Не можеме да очекуваме од младите да бидат одговорни корисници на интернет без медиумска едукација, ниту да распознаваат лажна вест, точна и релевантна информација, ако немаат соодветна едукација“, рече Наскова.

Бојан Шашевски