Повик за учество на едукативен хакатон за медиумска и информациска писменост

Македонскиот институт за медиуми објави повик за учество на млади луѓе (16 до 25 години) од земјава, на тридневен онлајн хакатон посветен на пронаоѓање идеи и решенија за прашања и проблеми поврзани со медиумската и информациската писменост. Хакатонот ќе се организира од 26 до 28 април 2021, а повикот за пријавување е отворен до 19 април.

Хакатонот #Youth For MIL Solutions е замислен како тридневно дружење за млади од целата земја и натпревар во користење на знаења од областа на медиумската и информациската писменост. Целта е да се осмислат иницијативи и иновативни решенија за ефективно препознавање и наменско користење на информации од јавно достапните медиумски извори, како и решенија за сузбивање дезинформации и други типови податоци што се користат за различни цели.

Критериуми за учество

Пријавувањето е отворено за сите млади луѓе од С. Македонија на возраст од 16 до 25 години, кои:

-се активни во областа на медиумите и образованието, имаат афинитети кон медиумите, образованието, граѓанскиот активизам и решавање на општествените проблеми;
-имаат искуство во неформалните образовни процеси;
-имаат основни познавање на англискиот јазик.

Заинтересираните млади може да се пријават поединечно или во тимови до 5 члена. Комисијата, врз основа на квалитетот и искажаната мотивираност ќе избере 15 најуспешни пријави и ќе ги повика учесниците да се придружат на проектните тимови во рамки на овој онлајн настан.

Врз основа на номинираните предлог-идеи опишани во апликациите, комисијата ќе ги избере работните теми и ќе ги формира работните тимови (3 тима од по пет учесници). Во консултација со експерти од различни области, комисијата ќе настојува да мапира области и теми каде што може да се понудат реални и конкретни решенија во рамките на зададените цели на хакатонот.

Теми од интерес

Како да се овозможи поголемо присуство на научно засновани информации и научници како соговорници во медиумското известување. Во услови на пандемија, климатски промени, глобално затоплување, гласот на науката и научниците кои може да понудат издржани и кредибилни информации се чини заглушен од изобилството на информации, медиуми и социјални мрежи. Што можеме да направиме за да ја унапредиме соработката меѓу научниците, новинарите, корисниците на социјалните мрежи и да ја зајакнеме присутноста и значењето на науката во секојдневното производство на информации?

Како младите луѓе ги гледаат социјалните мрежи во иднината? Како би изгледале платформите за вмрежување кои подразбираат посигурно онлајн опкружување, без говор на омраза, поттикнување насилство, „лажни вести“? Кои би биле клучните постулати на една таква мрежа?

Како да се подготвиме за медиумите на иднината? Кои се клучните предизвици и како младите да ги совладаат? Дезинформации, „deep-fakes“, теории на заговор, променети модели на производство на медиумска содржини, се само некои од трендовите што ги гледаме изминатите години. Многу енергија се вложува во оспособување на младите да ги препознаваат и сузбиваат овие содржини, преку тренинзи и ИТ решенија. Се бараат иновативни идеи со кои ќе се помогне на младите да ги препознаат и совладаат предизвиците во медиумското опкружување.

Како да се допре до поединците и организациите кои шират теории на заговор? Како да се разговара со оние што веруваат во теории на заговор и ги споделуваат на своите профили и на тој начин го подриваат развивањето свест за важни општествени проблеми. Се бараат идеи за начини на кои може да се покрене конструктивен дијалог, убедување без осудување засновано на знаење, факти и уважување на ставовите и начините на размислување.

Како низ наставниот процес да се заинтересираат младите да учат за медиумите? Потребни се препораки и креативни решенија за наставници и професори, од агол на учениците и ученичките клупи. Што ги интересира младите за медиумите и како наставниците можат да им помогнат да ги развијат своите интереси и да научат нешто повеќе за улогата на медиумите и медиумското опкружување.

Медиумска и информациска писменост како алатка за поддршка во пронаоѓање и користење референтни информации за научен труд и унапредување на сопствената компетентност при делувањето во јавната сфера.

Ова не е конечна листа на теми. Учесниците се охрабруваат да номинираат теми, проблеми и идеи за решенија кои ги сметаат за важни, а се однесуваат на медиумите, на разбирањето на нивната улога, на безбедно и совесно уживање на слободата на изразување.

Заинтересираните учесници во формуларот за пријавување треба да го претсават проблемот кој што ќе се обидат да го решат и да иницираат идеја за решение. Конечното решение кое ќе го развиваат тимовите во текот на хакатонот може да има разни форми:

-Јасно конципирани, изводливи и реалистични препораки за клучните актери во целната област;
-Едукативни материјали развиени со цел да се дистрибуираат до целната публика;
-Развиени реалистични планови за застапување, со јасни цели и идентификувани целни групи и канали за комуникација;
-Нацрт ИТ решенија кои може да помогнат во решавање на проблеми;
-Креативна интервенција заснована на делување во заедницата.

Пријава за учество

За учество на хакатонот треба да се пополни онлајн пријава (линк), која содржи прашања поврзани со идентитетот и мотивацијата на апликантите, како и прашања поврзани со проблеми и предлог-решенија.

Која ќе биде улогата на избраните учесници и што може да се очекува од нив?

Намерата на организаторите е да идентификуваат млади луѓе кои: делуваат како иноватори и имаат лидерски вештини; се вклучени во дебати на теми поврзани со општествените проблеми; поединци кои вложуваат напор за унапредување на општеството во поширока смисла; и млади луѓе кои се спремни за акција.

Учесниците на хакатонот заеднички ќе работат на развивање идеи врз основа на методологија која ќе биде прилагодена на идентификуваните тематски области. Целта на хакатонот не е само да се идентификуваат проблеми и да се пронајдат адекватни идејни решенија, туку и понатамошно развивање на тематските компетенции на учесниците, унапредување на вештините за користење на достапните алатки, разбирање и решавање на зададените проблеми. Преку заедничка работа и интеракција, учесниците првенствено ќе креираат мрежа на млади луѓе кои стекнатото знаење и искуство ќе го пренесуваат на своите врсници во локалната заедници, поттикнувајќи што повеќе млади да преземат активна улога во слични активности.

Учеството на хакатонот не подразбира никакво предзнаење за темите поврзани со медиумска и информациска писменост, ниту пак, предзнаења од областа на информатичките технологии. Сите решенија не мора да се темелат на ИТ областа, туку може да бидат резултата на креативно размислување и темелно решавање на проблемите врз основа на стекнатите знаења и достапни ресурси. Секој тим што ќе учествува на хакатонот ќе добие стручна помош од најмалку еден експерт од тематската област која се обработува.

Хакатонот ќе трае 2 и пол дена и ќе се очекува непрекинато учество на избраните учесници од 6-8 часа дневно, од 09:00 до 16:00 часот. Хакатонот ќе се одржи преку „Zoom“ платформата и ќе вклучува групни активности, размена на искуства, дебата меѓу учесниците, и заеднички сесии со менторите и експертите. Програмата на хакатонот ќе се фокусира на создавање доверлива, отворена, безбедна и рефлектирачка атмосфера, со цел да се стимулира креативно, иновативно и критичко размислување кај учесниците, во однос на зададените теми на кои ќе работат. Програмата на хакатонот ќе се темели на искуството на учесниците, надополнета со стручни совети од експертите.

Учесниците ќе добијат упатство за стандардниот начин на претставување на своите идеи/решенија пред комисијата за избор на најдоброто решение.

Вкупниот фонд на награди за тимовите ќе изнесува 1000 евра.

За дополнителни прашања во врската со пријавувањето на хакатонот може да се постават на : mim@mim.org.mk

Хакатонот се организира во рамки на проектот „Медиуми за граѓаните, граѓаните за медиумите“, што го спроведуваат медиумски организации од земјите од регионот, со финансиска поддршка од Европската Унија. Целта на проектот е да придонесе во развојот на капацитетите на граѓанскиот сектор за унапредување на медиумската и информациската писменост во регионот.

Одредби за авторски прави и одговорности

Идејните решенија на хакатонот мора да бидат оригинални, не смее да се копираат и адаптираат решенија од други автори. Предлозите не смеат да бидат претходно објавени, ниту да се предмет на други конкурси, или пак предмет и побарување на трети страни. Во случај на кршење на авторските права на други лица или групи, одговорност е единствено на учесниците. Учесниците на конкурсот сносат полна правна одговорност за секое противправно или нечесно однесување. Добитниците на наградите не ги пренесуваат правата за своите дела на организаторот, но се обврзани во своите промотивни материјали да ја назначат поддршката што ја добиле. Организаторите и донаторите го задржуваат правото да ги претставуваат резултатите од хакатонот, со цел да се промовира дадената поддршка, проектот, без ограничување во територијална или временска смисла. Организаторите не се одговорни за евентуална штета предизвикана од давање неточни или застарени податоци од кандидатите што учествуваат.