Руски „тролови“ во пропагандна акција на вебсајтовите на западните медиуми, велат истражувачи

Огромен број коментари кои ги поддржуваат руските интереси објавени на веб-сајтовите на западните медиуми се организирана операција за влијание на јавното мислење, покажува ново истражување.

Истражувачите од Институтот за криминал и безбедност на Универзитетот во Кардиф откриле 32 познати медиумски сајтови од 16 држави кои биле мета на оваа акција. Коментарите потоа биле преземани од руски медиуми и од нив биле правени вести за домашната публика.

Меѓу таргетираните медиуми се наоѓаат британскиот „Тајмс“, американскиот Фокс Њуз, францускиот Ле Фигаро, Шпигл и Дие Велт во Германија, како и Ла Стампа во Италија.

Во еден од примерите, потенциран од истражувачите, онлајн вест на интернет страницата на „Мејл“ за победата на Талибанците во Авганистан имала дури 2.500 коментари од јавноста. Но, голем број од нив биле дел од организирана руска кампања. Подоцна, руски медиум, преку избор на дел од овие коментари, објавува вест со наслов „Британците ја споредија власта на Талибанците со крајот на Западната цивилизација.

Истражувачите велат дека ова е само една од 18-те скорешни вести за падот на владата во Авганистан кои биле произведени користејќи коментари од медиуми од САД и Велика Британија кои одат во поддршка на рускиот наратив за крајот на либералната демократија, неуспехот на НАТО или пак прават паралела со поддршката која им се дава на Украина.

Според професорот Мартин Инс, ваквите софистицирани кампањи го користат фактот дека иако социјалните медиуми вложуваат повеќе ресурси во откривање на пропагандни кампањи, традиционалните медиумски сајтови имаат далеку помалку мерки за безбедност за да спречат луѓето да прават повеќе лажни идентитети. За еден од профилите е откриено дека менувал локација дури 69 пати, и го променил своето корисничко име 549 пати откако профилот бил креиран минатиот јуни.

„Постои тенденција да се мисли дека пропагандните кампањи се случуваат само преку користењето лажни профили на социјалните мрежи, како Твитер и Фејсбук. Она што е важно од ова истражување е дека покажува како другите медиуми можат да се манипулираат безмалку на индустриско ниво“, вели Инс за Би-Би-Си.

Истражувачите користеле техники на препознавање шаблони во анализата на коментарите од читателите, а тоа им покажало дека некои од профилите објавувале про-руски содржини на организиран начин. Потоа овие коментари биле преземани од руски медиуми кои конструирале вести на руски јазик најчесто со наслови во кои се пренесува што мислат Британците, Американците или жителите на другите западни држави.

Овие вести се објавуваат во Русија, но и во други европски држави, како Бугарија, велат истражувачите. Вестите дополнително добиваат на видливост ширејќи се по социјалните мрежи и на платформата Телеграм.

Руските власти постојано отфрлат било каква организација на пропагандни операции или активности за организирано ширење дезинформации.