Фејсбук ќе предупредува да ја прочитате содржината пред да ја споделите

Следниот пат кога ќе сакате да споделите текст кој не сте го отвориле, Фејсбук ќе ве предупредува да размислите уште еднаш.

Компанијата соопшти дека почнувајќи од вчера ќе започне да тестира нова алатка која ќе ги известува корисниците прво да ја прочитаат содржината пред да ја споделат на нивната платформа. Фејсбук оваа алатка ќе почне да ја тестира на околу 6% од своите глобални корисници на Андроид, пренесува Вокс.

Конкурентската социјална мрежа, Твитер, започна со имплементација на слична ваква алатка во јуни минатата година и веќе започна широко да ја користи од минатиот септември.

Овој потег на Фејсбук е последен пример за тоа како социјалните медиуми се обидуваат да го намалат масовното ширење на дезинформации и штетни содржини на нивните платформи, преку едноставно потсетување на своите корисници да размислат пред да споделат одредена содржина. Дел од научниците на ова поле долго време се залагаа за воспоставување вакви известувања, за кои се надеваат дека ќе го намалат импулсивното однесување на луѓето кои испровоцирани од одреден наслов го споделуваат текстот без воопшто да го прочитаат целиот контекст на содржината.

Сепак, бидејќи овие алатки се релативно нови, сè уште е неизвесно колку тие навистина ќе функционираат и дали луѓето само ќе ги заобиколуваат известувањата да ја прочитаат веста пред да ја споделат, или навистина ќе го направат тоа. Дури и доколку корисниците кликнат на содржината откако социјалната мрежа тоа ќе го побара од нив, нема гаранција дека тие всушност ќе го прочитаат целиот текст.

Фејсбук објави дека доколку корисниците се обидат да споделат одредена вест без да ја отворат, ќе добијат известување со следнава содржина:

„Вие сакате да ја споделите оваа вест пред да ја отворите. Споделувањето на содржини без нивно читање може да значи дека сте пропуштиле важни факти“, по што компанијата ќе им даде две опции на корисниците – или да ја отворат веста, или да продолжат со споделувањето без да ја прочитаат.