„Колку медиумите ги задоволуваат потребите за информирање на младите?“ – Онлајн дебата

Дали младите им веруваат на медиумите, колку често се информираат од домашни медиуми и дали сметаат дека ангажирањето во општествено важни прашања е бесцелно потрошено време, се дел од прашањата кои ќе се обидат да ги одговорат учесниците на онлајн дебатата „Колку медиумите ги задоволуваат потребите за информирање на младите“ што ќе се одржи во среда (24 ноември) со почеток од 15 часот на платформата „Зум“.

Јавната дебата е во организација на Фондацијата Метаморфозис, а во рамки на проектот „Кредибилни вести за оспособена младина“, финансиран од Британската амбасада во Скопје.

На дебатата ќе учествуваат претставници на јавниот сервис МРТВ, новинската агенција „Мета.мк“, „Порталб.мк“, Радио МОФ, како и претставници на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС УКИМ). Тие ќе зборуваат за навиките за информирање на младите и ќе го покренат прашањето дали медиумите нудат содржини со кои можат да го задржат вниманието на младите.

Настанот се одржува во рамки на Деновите на медиумска писменост, а ќе го отвори амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј.

Онлајн дебатата може да се проследи преку „Зум“ на следниот ЛИНК, а повеќе информации можат да се најдат ОВДЕ.