Повеќе од половина млади во полошкиот регион не знаат што е медиумска писменост, покажува истражување

Повеќе од половина од младите не знаат што суштински претставува медиумската писменост, покажуваат резултатите од онлајн истражувањето на младите од полошкиот регион кој го спроведе Центарот за развој на медиумите на заедниците „Медиум“.

Истовремено, анализата на податоците, од „Медиум“ наведуваат дека ја наговестува и неможноста на младите да препознаат дезинформации кои им се пласираат и покрај високиот број на регистрирани одговори во прашалникот за тоа дека знаат да препознаат вистина од лажна вест.

„Ова се должи на недоволно проверување на вестите кои секојдневно ги ‘конзумираме’ како новинарски производи. Во земјава постои недоволно развиена критичка свест за проверка на она што ќе се прочита или слушне онлајн“, посочуваат од центарот.

Резултатите од истражувањето, како што велат оттаму, покажуваат дека младите имаат потреба од здобивање со компетенции и од други области кои се дел од дигиталната писменост. Ова, тие додаваат дека се однесува на приватноста при користење на новите технологии, особено социјалните мрежи, но и општите права, можности и одговорности, како и мерките за заштита на личните податоци при пристап од онлајн информации.

„Поради фактот дека соработката на младите и медиумите е на ниско ниво, одредени карактеристики на медиумска писменост кај младите остануваат во негативно светло. Од пресекот на резултатите може да се сумира дека младите се недоволно информирани за
работа на новинарите, не знаат кои се нивните обврски и какво треба да биде новинарското известување, ниту каква содржина треба да содржи една професионална новинарска информација“, објаснуваат од „Медиум“.

Оттука, тие посочуваат дека традиционалните медиуми, меѓутоа и нивните онлајн изданија и веб портали мора да покажат отвореност за работа со младите, бидејќи, како што додаваат, само со доближување на новинарската работа би се покажал еден позитивен тренд на препознавање на спин, пропаганда и дезинформации.

„Во насока на подобрување на соработката помеѓу младите и медиумите, граѓанскиот сектор треба активно да работи на поттикнување за вршење на анализи за медиумски содржини и реакции за извртување на сликата на јавноста. Ваквите активности треба да бидат дизајнирани за да помогнат во зајакнување на знаењата и на капацитетите на младите за тие да можат понатаму да ја промовираат медиумската и дигиталната писменост“, велат од центарот.

Истражувањето е спроведено со 160 испитаници поделени по возрасни групи од 16 до 29 години.