[Став] Етичко прочистување на сајбер просторот: Описмени, детектирај и делувај

Пишува: Виолета Цветковска

Сведоци сме дека јавниот говор постепено, но сигурно се претвори во говор на омраза. Во таквиот дискурс, пропагандата го замени информирањето, се шират клеветења и лаги за политички или социјално „поинаквиот“, а политичката комуникација се претвори во подбуцнувачка хистерија.

Веќе е апсолвирано дека во оваа „валкана игра“ на сеење раздор меѓу луѓето и радикализација на јавниот дискурс нема невини: Ниту политиката (политичарите и нивните кампањи), ниту медиумите, ниту публиката (јавноста) која го презема „вирулентниот“ дискурс со огромна брзина и подложност. Доминантен дел од одговорноста во афектирањето на дискурсот преземаат социјалните мрежи преку ширење на гласини или следење на „влијателните“ креатори на јавно мислење кои се мултипликатори на ваквиот негативен тренд.

Нам во фокусот ни се медиумите. Тие често газат по тенката црвена линија на етиката и етичкото известување, притоа влегувајќи во судир на интереси меѓу медиумот како бизнис и медиумот како средство за информирање. Медиумите по функцијата што ја имаат, го пренесуваат тоналитетот и начинот на политичкиот говор до јавноста. Негативните кампањи, говорот на омраза и условно кажано, евтиниот сензационализам сериозно го преземаат приматот во политичката, а со тоа и во медиумска комуникација со пресликување на наративот, т.е. класично „инфицирање“ на јавниот говор.

Според повеќе емпириски сознанија редоследот во иницирање и креирање на ваквиот негативен дискурс оди по спиралата: политика, медиуми, јавност и возвратно, т.е. политиката е автор, медиумите стануваат наратор, а метачитателот како жртва на октроираниот говор на омраза.

Она што сé повеќе загрижува е што освен во чисто политичката комуникација на спротиставени идеолошки ривали (неолибералната левица, во македонскиот случај, СДСМ и десницата ВМРО-ДПМНЕ з.а.), истите методи и алатки се употребуваат (повторно доминантно преку политичкиот вокабулар) и во ширење говор на омраза во сферата на сексуалните права и слободи, ЛГБТИ правата, социјалната инклузија на лицата со посебни потреби, етничката и верската припадност и др.

Фокусот на наративот на комуникација во медиумскиот простор преку говорот на омраза, лажните или манипулативни вести може да се прикаже низ два примери.

Локалните избори Карпош 2013

Преку компаративно следење на квантитетот на известување преку месечните анализи, два месеци пред и два месеци после локалните избори, како и во времето на одржување на „Локалните избори 2013“ ќе се види дека „интересот“ за известување на медиумите драстично варира.

Општина Карпош во јануари бележи медиумски известувања во 436 објави во сите видови медиуми. Доминираат интернет објави – 224 од кои, според интонацијата се 130 неутрални, 92 позитивни и само две негативни. Но, два месеци подоцна, кога всушност почнува „битката за Карпош“, според анализата на прес клипингот, во двата „одлучувачки“ месеци, март и април, кога изборната кампања беше во полн ек, бројот на медиумски објави, се мултиплицира со речиси геометриска прогресија.

Во март вкупниот број на медиумски известувања достигнува 1.581, од што на интернет просторот се поместени 988 текстови, додека во април (вториот круг на избори) медиумските објави достигнаа 1.565, диминантно на интернет порталите – 936.

По истекот на „жешкиот изборен период“, веќе од мај, па и јуни се случува драстичен пад во медиумското известување, што може да се протолкува како „веќе апсолвирана тема“, односно официјален крај на „Локалните избори 2013“. Во пракса се случува, освен драстичниот пад на бројот на медиумски известувања за речиси пет пати (од 1565 на 292, односно 324) исчезнува и клучната тема „Локални избори“.

Порастот од 436 на 1.581, односно 1.565 медиумски објави, во март, односно април, четирикратно повеќе од јануари, говори за неколку работи: актуелноста на политичкиот момент, „жештината“ на кампањата, но и рапидниот интерес на медиумите кои известуваат за градоначалничките избори.

За изборните месеци март и април индикативна е квалитативната промена на наративот, односно на повидливо „обојување“ на известувањата во позитивен или негативен контекст. Наместо неутралните објави, сега медиумите го преземаат политичкиот вокабулар којшто се користи во офлајн просторот. Агрегаторите на вести од информативните интернет портали во тој период регистрираа масовни преземања на вербалните дуели, на негативната кампања во било кој облик, со што де факто се контаминира медиумскиот простор.

Но не е само политичкиот простор и вокабулар затруен, и како таков пренесен во медиумскиот дискурс, туку и други сензитивни општествени теми и сфери од секојдневието (човековите права воопшто, инклузијата на лица со посебни потреби, прашања од родов идентитет, религијски и етнички прашања, проблемот со бегалците и сл.) навлегуваат во доменот на политичкиот интерес и борба за влијание, од една, и некритично поместување во дел од медиумите, од друга страна.

Парадата на гордоста и хомофобичниот говор на омраза

Во периодот кога се случуваат повеќе настани кои ја зголемуваат видливоста на ЛГБТИ луѓето, како Меѓународниот ден за борба против хомофобијата и трансфобијата, Викендот на гордоста и Парадата на гордоста (од 15 мај до 15 јули 2021 година) ЛГБТИ прашањата заземаат поголем дел од јавниот простор од вообичаено. Фокусот на медиумите и јавноста е кон Парадата и другите прашања поврзани со ЛГБТИ правата со што се поттикнуваат дискусии и коментари.

Особено за време на Парадата на гордоста, за која известуваат сите медиуми, може најсоодветно да се види јавното мислење и да се прикаже хомофобичниот и трансфобичниот говор на омраза.

Во извештајниот период се документирани 111 случаи на говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет од кои, во најголем дел на социјални медиуми (фејсбук, твитер, инстаграм) и во помал број на интерент портали. Прикажани и анализирани се 14 (четрнаесет) случаи кои се пријавени до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Јавното обвринителство, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на Министертсвото за внатрешни работи и до телото за само-регулација, Совет за етика во медиумите. И во овој случај се работи за намерен примерок, но прибран од најактивните здруженија во областа, според кој може да се добие релевантна слика за начинот на постапување на институциите.“

Дека станува збор за говор на омраза и хомофобичност со крајно афектиран општествен дискурс говори и компаративната анализа на постови во период на одржување на Парадата на гордоста две години претходно. Во 2019 година се одржа првата Парада на гордоста, најавена од страна на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ) на 20 мај 2019 година. Веднаш по најавата, предрасудите, презирот и нетолеранцијата кон различните преку еклатантен говор на омраза ги опседнаа социјалните мрежи. На платформата Говор на омраза за период од 15 мај до 15 јули беа регистрирани вкупно 159 пријави, од кои 52% или 98 пријави по сексуална ориентација и родов идентитет.

Додека во првиот случај на говор на омраза како идеален или претпоставен автор ја гледавме стриктно политиката и желбата за власт и моќ, во вториот случај на еклатантна хомофобија и ширење омраза врз основа на стереотипи, се вклучени покрај политиката и други влијателни чинители како, религијата, традицијата и востановените патријахални вредности.

Тоа е сериозна општествена и етичка закана, посебно што на тој начин нивниот став во овој сензитивен дискурс се врамува како „ново евангелие“ односно како дел од некакво национална, етичка аксиома, која во себе содржи мистична сила на убедување, закана, страв и казна. А кога еднаш ќе навлезе религијата и тоа како востановена догма, тогаш просторот за критичко размислување е крајно стеснет.

Како да излеземе од вртлогот?

Ставањето на медиумската писменост во „топ агенда“ што е можно поскоро е еден од врвите приоритети. Но, од каде и од кого да почнеме? Младите се првите агенти на промените со оглед на нивната моќ на впивање на вештини за совладување на ИТ технологиите. Но, тие не треба да бидат единствени во таа битка за социјална кохезија и против дезинформациите и говорот на омраза.

Медиумското описменување би требало да почне од најраната возраст, и тоа, како во формалното така и во неформалното образование.

Дали тоа ќе почне со средношколците, во високите класови или во текот на целото основно образование, или пак дури во предучилишната возраст е отворено поле за дискусија.

Она што е сигурно е дека е потребна координирана иницијатива на образовните установи, институциите, како и граѓанскиот сектор, за медиумско описменување на младите – што порано, толку подобро.

*Виолета Цветковска, специјалист и магистер за управување со стратегиски комуникации. Раководител на Секторот за односи со јавност во Општина Карпош, втора по големина од десет општини во главниот град на Република Северна Македонија, Скопје. Таа е член на Надзорниот одбор на PRAM (Здружение за односи со јавноста на Македонија) и добитник на наградата PRO PR, меѓународна награда за најдобри достигнувања во односите со јавноста во 2015 година.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.