Лажни дојави за бомби по седми пат испразнија четири средни училишта

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) известуваат дека и денешните, седми по ред дојави за бомби во четири средни училишта на територијата на Скопје се лажни.

Оттаму истакнуваат дека се направени сите потребни проверки откако училиштата добиле електронски пораки со закана за поставена експлозивна направа.

„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, велат од МВР.

Од 26 октомври кога пристигнаа првите лажни дојави за бомби, па сè до денес, наставата во неколку средни училишта во Скопје во седум наврати е прекината поради лажни дојави за бомби.

Од Министерството за внатрешни работи при истрагата приведе едно лице поради постоење сомнение за поврзаност со заканите, но немаше обвинение.

Министерството за образование и наука (МОН) извести дека повремените прекини наставата во средните училишта каде во изминатиот период имаше лажни дојави за бомби, мора да се надомести до крајот на првото полугодие.