Средните училишта во Тетово и Гостивар првите 2 недели со онлајн настава – во Кичево и Струга само првата недела

Наставата во средните училишта во Тетово и Гостивар ќе се организира онлајн во траење од 14 дена од почетокот на учебната година, додека онлајн настава ќе има и во Кичево и Струга, но таму во траење од 7 дена, информираше вечерва владината прес-служба.

Ваквата одлука доаѓа по предлогот на Комисијата за заразни болести, поради влошената ситуација со пандемијата во овие градови, а од Владата додаваат дека откако ќе заврши овој период, ќе се донесе нова одлука согласно развојот на ситуацијата.

Претходните денови Општина Тетово побара да се одложи почетокот на учебната година со физичко присуство на учениците за три недели поради состојбата со епидемијата.

Министерот за здравство Венко Филипче пак, потоа посочи дека Комисијата за заразни болести донела препорака средните училиште во Тетово и Гостивар во првите две недели од новата учебна година да започнат со онлајн настава, додека основните училишта ќе почнат со физичко присуство.

Исто така, одложување на учебната година побараа и од општините Струга и Кичево.

Во меѓувреме и општината Маврово и Ростуше побара онлајн настава, но Владата на денешната седница нема донесено одлука по ова барање.

Истовремено, Владата вечерва донесе и одлука да се дополни протоколот за бројот на децата по групи во градинките, со што се бројот на деца се згоелми од 21 на 25 деца и тоа само во големите групи, а не и за групите од 0 до 2 години.

Утре со физичко присуство почнува новата учебна година, а за таа цел Владата претходно усвои и протокол за постапување на средните и основните училишта за реализација на воспитно-образовниот систем.

Мерење температура, маски и дезинфекција – како ќе се одвива наставата од 1-ви септември?