Општина Тетово побара наставниците да се вакцинираат или ќе си прават тестови на свој трошок

Кризниот штаб на Општина Тетово побара од Министерството за образование и наука да се одложи почетокот на учебната година со физичко присуство на учениците за три недели поради сериозната епидемиолошка состојба во Општината.

Од Кризниот штаб побараа наставата на почетокот да се одвива онлајн, а оваа мерка да важи за сите три степени на образование, основно, средно и високо.

„Со оглед на отежнатата епидемиолошка состојба во Тетово и Полог, бараме од Министерството за образование и Кризниот штаб при Владата на Република Македонија да го одложат почетокот на учебната година со физичко присуство за 3 недели, за сите нивоа на образование, основно, средно и високо. Имајќи предвид дека оваа ситуација преовладува во другите околни општини, апелираме до другите општини во Полог да го поддржат ова барање, и заеднички да придонесеме за намалување на нови случаи на инфекција со Ковид-19“, соопштија од кабинетот на Градоначалничката Теута Арифи.

Од Кризниот штаб побараа и целиот образовен и технички персонал во основните и средните училишта во Општината да се вакцинираат до евентуално пролонгираниот  почеток на учебната година со физичко присуство, односно до 20 август, како што бараат тие, бидејќи по овој рок ќе се бара секој втор ден овие вработени да покажуваат доказ за брз негативен тест, чии трошоци сами ќе треба да ги поднесат.

„Повторуваме уште еднаш и ги повикуваме сите граѓани да бидат крајно внимателни, почитувајќи ги здравствените мерки и протоколи, со цел заеднички да му дадеме можност на здравствениот систем да ја амортизира тежината на предизвикот пред него“, стои во соопштението.

Од Кризниот штаб информираа и дека во моментов во Клиничкиот центар во Тетово се хоспитализирани вкупно 121 пациент и се на кислородна поддршка, додека во последните 24 часа од градот починале 5 лица.