Штрајк во образованието и денеска, од Владата обвинуваат дека СОНК ги става личните интереси пред оние на децата

Штрајкот на вработените во градинките и основното и средното образование продолжува и денеска откако Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) не ја прифати понудата на Владата за зголемување на платите на вработените во овие дејности за 10%.

Од Владата овој чекор го карактеризираа како неодговорен, додавајќи дека со ова се нанесува ненадоместлива штета во образованието на учениците и отежнување на секојдневието на родителите.

„Со одбивањето на понудата за покачување на платите од 10%, СОНК реши да продолжи со уцени кои се единствено на штета на образованието на учениците и им го отежнува секојдневието на родителите. Владата прави сериозни напори за да се избори со кризата, да ги амортизира поскапувањата и да обезбеди достоинствен живот за нашите граѓани, пред сѐ за најранливите. И во вакви тешки услови на светска криза, ние сме веројатно единствената Влада која овозможи историско зголемување на платите и пензиите и силно финансиски ги поддржа граѓаните. И покрај сѐ, СОНК смета дека покачувањето на платите од 2.500 денари е малку. Во услови кога со антикризните мерки кои ги донесе Владата сметките на граѓаните се помали за 4.000 денари месечно. Ова едноставно не може да се смета за разумен став туку за очигледен притисок со што е евидентно дека СОНК личните интереси го става пред оние на децата“, вели премиерот Димитар Ковачевски во соопштение до јавноста.

Од Владата велат дека понудата била зголемување за 10% на платите, кои ќе се обезбедат со ребалансот на Буџетот. Тоа би значело дека наставниците и воспитувачите би добиле просечно зголемување за 2.500 денари на нивните месечни примања.

Јаким Неделков, претседателот на СОНК, вчера посочи дека ваквиот предлог бил неприфатлив за над 95% од синдикалните организации што ги застапува Синдикатот, бидејќи, според него, не содејствува со зголемувањето на минималната плата во државата и не придонесува за враќање на достоинството на професијата.

Освен барањето за усогласување на платите по однос на покачување на минималната плата, Советот на СОНК, како што посочи Неделков, доставил и други барања за склучување на нови колективни договори, за кои вели дека воопшто не е ни преговарано.

Од Владата потенцираа и дека наставниците и вработените во градинките кои штрајкуваат согласно колективните договори ќе им се исплатат само придонесите на платите.

„Ова произлегува од одлуката на СОНК да организира и одржува генерален штрајк за унапредување на правата на работниците, а во периодот од шест месеци од донесувањето односно зголемувањето на минималната плата. Законската обврска за усогласувањето е шест месеци од донесувањето, односно зголемувањето на минималната плата и Владата, а министерствата и СОНК сѐ уште преговараат во овој законски предвиден рок“, велат од Владата.