Просветните работници во понеделник на штрајк – СОНК предупреди дека во прекин ќе биде воспитно-образовниот процес

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) за понеделник (11 април) најави генерален штрајк на своето членство во градинките, основното и средното образование поради нивните барања за усогласување на платите во просветниот сектор со минималната плата.

Од Синдикатот велат дека станува збор за класичен штрајк, односно дека вработените нема да вршат прием на деца во градинките, нема да изведуваат настава и други активности што се поврзани со наставата, што би значело прекин на воспитно-образовниот процес.

„Членовите на СОНК, заради немање слух на надлежните, мора да ги бараат правата кои им следуваат со закон и колективен договор, преку искажување на јавно незадоволство, односно преку Генерален штрајк. Оттука, СОНК ги повикува своите членови да останат единствени и сплотени  во борбата за заштита на своите права, преку која сите засегнати во државата ќе ја сфатат сериозноста, силата и големината на нашиот Синдикат. СОНК бара разбирање и поддршка од родителите на учениците, заради времениот прекин на воспитно-образовниот процес односно прекинот на работа на детските градинки, основните и средните училишта, како и ученичките и студентските домови“, велат од СОНК.

СОНК изминативе недели оствари повеќе средби со Владата и со социјалните партнери Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика, но од Синдикатот велат дека преговорите не довеле до никаков резултат.

Од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) вчера соопштија дека и покрај штрајкот, вработените во предучилишните установи за деца се должни да обезбедат непречено згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст.

„Сите предучилишни установи треба да го почитуваат Законот, Уставот на Република Северна Македонија и Конвенцијата за правата на детето и да го организираат згрижувачко воспитниот процес. Поради тоа ја известуваме јавноста и родителите дека сите предучилишни установи во деновите на најавениот штрајк, ќе ја обавуваат својата дејност згрижување и воспитание на децата како и до сега“, соопштија од МТСП.

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, во интервју за МИА, во пресрет на најавениот штрајк, вели дека очекува да се изнајде решение.

„Сите предизвици со СОНК досега сме ги решавале заеднички, на маса и низ конструктивен дијалог. Така ќе биде и овој пат. Иако се услови на криза, здравствена, воена и економска, ние дебатираме со Синдикатот за да најдеме решение од кое ќе нема незадоволни страни. Верувам дека тоа ќе се случи скоро, по што ќе ја информираме јавноста“, вели Шаќири.

Вчера на оваа тема свое мислење даде и премиерот Димитар Ковачевски, кој посочи дека треба да продолжи социјалниот дијалог за да се најде решение за барањето за повисоки плати во образованието.

„Имаме многу јасен закон во однос на организирање штрајк во сите делови. Училиштата, МОН, општините – кога се работи за основно образование, треба да го организираат работниот процес, бидејќи децата мора да имаат образование. Особено затоа што излеговме од период на пандемија скоро по две години кога децата мораа да седат дома“, рече Ковачевски.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, на социјалните мрежи обвини дека изминативе денови започнале жестоки притисоци врз вработените во градинките. Тој посочи дека тие биле под голем притисок од страна на директорите на установите и дека биле заплашувани со откази и казни.