Платите во просветниот сектор да се зголемат за 10% со ребаланс на буџетот, предложи Владата

Владата на вчерашната седница ги задолжи министерствата за образование и наука, труд и социјална политика и финансии со ребалансот на буџетот да предвидат средства за зголемување на платите во основното и средното образование и детската заштита за 10 отсто.

Дополнително, била формирана работна група за да се отпочне процес за преговори за колективен договор со репрезентативниот синдикат и за методологија за континуиран раст на платите во јавниот сектор.

„Во заклучоците по оваа точка е вклучено и задолжувањето за Министерството за информатичко општество и администрација да започне процес за подготовка на закон за платите во јавниот сектор. Владата воедно ги задолжи Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да ги преземат сите чекори за одржување настава во основното и средното образование, и згрижувањето на децата во градинките согласно уставно загарантираното право за образование и за предучилишна грижа на децата и согласно законски утврдените одредби за одвивање на настава во услови на штрајк“, стои во соопштението на Владата.

Истовремено, Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика треба да обезбедат исплата на платите согласно законските одредби во услови на штрајк.

„Владата ги задолжи Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да достави информација до Владата за одговорот на СОНК во врска со овие заклучоци, како и да побара писмено известување врз основа на кој правен акт е прекината наставата во основните и средните училишта и врз основа на кој законски акт персоналот на предучилишните установи одбиваат да ги примат децата“, се додава во соопштението на Владата.

Оттаму ги повикаа раководителите на образовните институции, наставниците и воспитувачите во предшколските установи да продолжат со наставата, учениците да се вратат во училиштата, а родителите да продолжат да ги носат децата во градинките.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков преку Фејсбук соопшти дека Советот на СОНК денеска ќе одржи седница на која ќе се анализира ставот на Владата, а и дека дополнително ќе се произнесат за него. Дотогаш, штрајкот продолжува, најави Неделков.

Владата претходно понуди зголемување на платите во просветниот сектор за 10%, но од СОНК посочија дека ваквата понуда е неприфатлива за над 95% од синдикалните организации кои ги застапува СОНК, бидејќи не соодејствува со зголемувањето на минималната плата во државата и не придонесува за враќање на достоинството на професијата.