Зголемување на платите во просветниот сектор за 12%, Владата и СОНК постигнаа договор

По повеќе од 3 часа преговори, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) и Владата ги усогласија ставовите и постигнаа договор за зголемување на платите во дејностите детска заштита, основно и средно образование за 12 отсто.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков посочи дека зголемувањето на платите би започнало најдоцна до јули, со завршувањето на ребалансот на буџетот.

„Се работи за процент од 12%, на сегашните плати, со додатоци, тие што следуваат врз основа на закон и колективен договор. Освен ова прашање, беа отворени и договарани други прашања, а тоа е усогласување, односно изработка на колективни договори за детска заштита, основно и средно образование, каде што некои отворени прашања кои досега ги имаше, како што се приправниците во детска заштита, патните трошоци во основното и средното образование, регресот за годишен одмор кој што ќе се регулира со општиот колективен договор“, рече Неделков.

„Се на се, прашања кои заслужуваат внимание за во наредниот период да се работи искрено, истрајно, и заокружување на оваа фискална 2022 година, со резултати, такви какви што во моментов се возможни“, додаде Неделков.

Тој истакна дека синдикатот утре ќе има консултација со членството кое ќе биде информирано за усогласувањето на ставовите со Владата.

Истовремено, Неделков не го прогласи штрајкот за прекинат, и посочи дека до утревечер треба да има сондажа на јавното мислењето на членството на синдикатот, а органот на одлучување – Советот на СОНК ќе заседава и ќе ја донесе конечната одлука, врз основа на изјаснувањето на членството.

Дополнително, Неделков рече дека наставниот процес евентуално, односно најрано би продолжил во среда.

Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска очекува дека од среда училиштата и градинките ќе почнат да функционираат нормално. Истото го очекува и министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Во меѓувреме, Сојузот на средношколци го поздрави постигнатиот договор и посочи дека се задоволни дека двете страни го послушале нивниот апел за празничниот период да го искористат за постигнување на заеднички компромис.

„Најраното можно враќање на учениците е во среда, што значи 10 изгубени работни дена. Затоа го повикуваме членството на СОНК во најбрз можен рок да го одобри договорот. Бараме од Министерството за образование и наука Сојузот да биде вклучен во одлучувањата за надомествувањето на пропуштениот материјал. Се покажа дека компромис е можен ако средношколците тоа го побараат“, велат од Сојузот на средношколци.

Синдикатот стапи во генерален штрајк на 11 април, со главно барање за усогласување на платите во просветниот сектор со минималната плата која беше донесена во февруари.

Просветните работници во генерален штрајк – за министерот тоа треба да биде последен чекор