Шаќири: Повисоки плати ќе има, наставата да продолжи

Барањето за покачување на платите на наставниците е легитимно и повисоки плати ќе има, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната прес-конференција.

На четвртиот ден на генералниот штрајк на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Шаќири додаде дека повисоката плата е заложба на владата и затоа е зголемена минималната плата со која ќе се усогласат и останатите плати, како и во образовниот сектор каде ќе има покачување за одреден процент, за кој моментално се преговара.

„Тоа е процес, кој ќе продолжи и денес и утре се до изнаоѓање на конечна и заедничко прифатливо решение за сите засегнати, но она што сакам да го истакнам на оваа прес-конференција е дека приоритет во моментов за мене лично како министер, а верувам и за многу други, особено за семејствата на учениците е нивното враќање во училишните клупи. Не смееме да дозволиме, жаргонски кажано, нов луксуз и учениците повторно да изгубат многу од настава и од учењето. Тоа ќе создаде дополнителни празнини во знаењето кое понатаму тешко или воопшто не се надоместува“, рече Шаќири.

Оттука, тој апелираше до СОНК и наставниците, при сите одлуки и постапки да се „водат по најдоброто и најдобриот интерес на учениците“, односно тие повторно да се вратат на настава.

Истовремено, најави дека ќе испрати и писмо до синдикатот и неговото членство за, како што рече, да им се овозможи на учениците навремено да ја завршат учебната година и да ја отпочнат подготовката и реализацијата на зацртаните планови за нивната иднина.

„Тоа е нашата заедничка должност, законска, етичка и морална обврска и верувам дека доколку не од утре, веќе од понеделник воспитно образовниот процес ќе се нормализира, со тоа и секојдневното функционирање на многу семејства во чии домови има ученици. Јас сум секогаш на страната на наставниците, тие се најважната алка во образовниот процес и мора да добијат општествено признание, затоа и да бидат мотивирани да работат преку подобри услови и повисоки плати, во таа насока и работиме заедно со нив и со поддршката од повеќе други членови на владиниот тим, но исто така, многу важни ми се учениците, тие се оската на секоја образовна политика која ја креираме, па затоа и се заложувам да ги вратиме во нивните средини каде повеќе нема да изгубат ниту еден час од настава“, додаде Шаќири.

Синдикатот вчера беше на средба со Министерството за образование и наука, но од СОНК посочија дека не бил постигнат конкретен договор за зголемување на платите.