НАкС го поддржа штрајкот на СОНК – бараат усогласување на платите и во високото образование

Независниот академски синдикат (НАкС) го поддржа штрајкот на Самостојниот синдикат на образование, наука и култура (СОНК) и посочи дека нивните барања за усогласување на платите со зголемувањето на минималната плата е апсолутно неопходно за остварување на правата гарантирани со закон и со колективните договори.

„Потсетуваме дека иако НАкС го поздрави покачувањето на минималната плата, со што се подобри положбата на вработените со најниски примања, баравме соодветно зголемување и на платите на останатите вработени. Зголемувањето на платите за сите вработени, вклучително и за вработените во високото образование и науката е нужно со цел да се избегне воедначување на надоместокот што го добиваат вработените што вршат работа со различна сложеност или различен степен на образование“, стои во соопштението на НАкС.

Оттука, тие бараат од Министерството за образование и наука да биде, како што велат, одговорен партнер во социјалниот дијалог и веднаш да ги започне разговорите за усогласување на колективниот договор за високо образование и наука со Законот за минимална плата, и на тој начин да ја заштити неговата функционалност.

„Во спротивно, ќе бидеме приморани да преземеме порадикални чекори со цел исполнување на нашите права. Независниот академски синдикат ќе продолжи да се бори за подобрување на условите за работење во високото образование и науката и подигнување на квалитетот на образовниот процес“, додаваат од НАкС.