УНИЦЕФ: Да се преземат мерки за учениците да ја надоместат изгубената настава штом се вратат на училиште

Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) повикува да се преземат мерки со кои ќе се овозможи децата од основното и средното образование да ја надоместат изгубената настава веднаш откако ќе се вратат на училиште. Оттаму посочуваат дека се сериозно загрижени поради продолжениот прекин на наставата.

„Пропуштеното мора да се надомести за да се избегнат долготрајни штети по добросостојбата и продуктивноста на децата“, велат од УНИЦЕФ.

Дополнително, тие посочуваат дека Северна Македонија со години наназад се соочува со криза во учењето, при што повеќе од половина од учениците на 15-годишна возраст не ги постигнуваат основните нивоа на знаење по читање и математика. Истовремено, тие велат дека згора на тоа, не биле воведени програми за надоместување на пропустите во наставата предизвикани од затворање на училиштата поради коронавирусот и учењето на далечина.

„Оваа учебна година, учениците веќе пропуштија две недели настава поради задоцнетиот почеток на учебната година. Сега, со пролонгираниот штрајк на наставниците кој влегува во својата трета и евентуално и четврта недела, постои веројатност децата да изгубат до 6 недели настава во оваа учебна година и сето тоа во време кога требаше да се надоместува знаењето пропуштено како последица на Ковид-19“, додаваат од УНИЦЕФ.

Повеќе од било кога порано, тие велат дека треба да се донесат мерки за надоместување на пропуштеното знаење и за забрзување на образовната реформа, за да може, како што велат, да се одговори на образовната криза којашто му претходеше на коронавирусот.

„Доколку итно не се преземат вакви мерки, економските последици од пропуштеното во учењето ќе влијаат на намалена заработувачка во животот на децата од денешната генерација. Овие загуби не само што имаат тековно негативно влијание врз децата, туку ќе влијаат и врз нивниот живот во иднина и идниот економски развој на државата“, велат од УНИЦЕФ.

Веднаш по враќањето во училишните клупи, тие посочуваат дека е најважно наставниците да го оценат нивото на знаење на учениците и да им обезбедат настава прилагодена на потребите и нивото на детето.

„Треба да се размисли за мерки од типот на продолжување на времетраењето на наставата, организирање часови за надоместување на пропуштеното, прилагодување на наставата за да се задоволат конкретните потреби од учење на учениците и ставање акцент на стекнување клучни вештини. На матурантите ќе им треба дополнителна поддршка да го совладаат материјалот за да може непречено да го продолжат своето школување во повисоките нивоа на образование“, потенцираат од УНИЦЕФ.

Тие ги повикаа сите учесници во преговорите пред сè да го имаат предвид најдобриот интерес на детето, да прифатат дека состојбата со кризата во образованието е алармантна и да изнајдат, како што велат, взаемно прифатливи решенија со цел да се спречи создавање идна изгубена генерација.