Просветните работници во генерален штрајк – за министерот тоа треба да биде последен чекор

Училишниот двор и зграда во Основното општинско училиште „Стив Наумов“ во скопска Автокоманда денеска останаа прилично празни и без секојдневната глетка на бројните ученици. Единствени во училишната зграда беа техничкиот персонал и наставниците.

Причината за ова е генералниот штрајк кој го започна Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) во градинките, основните и средните училишта, чие главно барање е усогласување на платите во просветниот сектор со минималната плата која беше донесена во февруари.

Во „Стив Наумов“, според претседателката на синдикалната организација Гордана Мацкова на штрајкот се приклучиле сите вработени, односно сите се на работните места, меѓутоа со штрајк, во заедничка просторија одредена за таа намена.

„Учениците не се вратени од училиштето, меѓутоа само неколку ученици беа дојдени. Заменски наставници не се донесени во училиштето“, изјави Мацкова за Радио МОФ.

Училишниот двор и зградата на ОУ „Стив Наумов“ / фото: Радио МОФ

Како што објаснува таа, учениците биле известени дека училиштето е во штрајк, а посочува дека досега немале никакви притисоци за одржување на штрајкот.

На генералниот штрајк се приклучија и околу дваесеттина наставници од Средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“. Меѓу штрајкувачите има членови на синдикатот, но штрајкуваат и наставници кои не се дел од СОНК, објаснува за Радио МОФ Мирјана Недевска претседателка на синдикалната организација на училиштето.

„Во однос на наставата, можеби забележавте има многу малку ученици, со оглед на тоа што дел од учениците, ова е смена од трета и четврта година. Дел од учениците од четврта, денес, два или три класа се на феријална пракса што значи дека посетуваат пракса во фирми. Еден од класовите е со онлајн настава заради болест на професорот, затоа е и мал бројот на ученици во четврта, а во трета година има ученици, нема многу како во редовни денови. Меѓутоа учениците се известени преку Вибер групите што ги имаме со родителите, дека настава ќе има, дека доколку се губи од некој професор, имаме заменски работници, колеги, и ќе има промена во распоредот за да нема многу празнини меѓу нивните часови“, рече Недевска.

Ученици на пат кон „Михајло Пупин“ / фото: Радио МОФ

Таа вели дека СОНК поставил одредени барања во однос на платите и работата во градинките и додава дека се бара почитување на колективниот договор кој бил склучен помеѓу Владата и СОНК пред неколку години.

„Тоа беше, со покачување на минималната плата да настане процедурално покачување и на платите, меѓутоа не дојде до тоа и ние сме приморани на овој начин, еве и по вторпат се случи зголемување на минималната плата на ниво на Македонија, меѓутоа не дојде до тоа. Владата останува глува за нашите барања и ние немаме друг начин освен овој, што, ете како што гледате и сами, се придржуваме, имаме и посебна просторија, не се мешаме со другиот наставен кадар, имаме известување заверено за работното време, сите прописи што треба да ги почитуваме, ги почитуваме“, рече Недевска.

Истовремено, таа вели дека немале никакви проблеми во организирањето на штрајкот и дека наишле на разбирање од колегите.

Во меѓувреме, настава пак не се држи во Средното училиште „8-ми Септември“ каде има седум членови на синдикатот, но како што вели Јадранка Дуца од штрајкувачкиот одбор, „имаме поддршка од сите колеги“.

„Еве неколку ученици дојдоа сабајлево, но настава не се држи. Кога доаѓаат тука, гледаат дека всушност се штрајкува и дека наставата не се држи“, вели Дуца.

Заменски наставници во училиштето сè уште нема, затоа што, како што вели Дуца, има многу стручни предмети од машинската струга, каде е тешко да се најде таков кадар.

фото: Радио МОФ

Во организирањето на штрајкот немале никакви притисоци и проблеми, а главните барања, Дуца вели дека се покачување на платата, а со тоа и регресот, како и плаќање на патните трошоци за просветните работници.

„Мислам дека ќе истраеме затоа што платите се навистина, веќе на дното. Значи 24.000 денари е основна плата каде што веќе мислам дека во образование со тие плати е премалку, и се додека како што е договорот сега, додека нема решение, штрајкот ќе трае“, децидна е Дуца.

„Штрајкот да биде последен чекор“

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска во посета на средното училиште „Владо Тасевски“ по повод спроведувањето на меѓународното ПИСА тестирање, вели дека како министерство се во комуникација со директорите на сите основни и средни училишта во однос на тоа дали се одвива настава и колкав е вкупниот број на вработени вклучени во наставниот процес.

„Каде што сме ние денеска, од вкупниот број вработени 117, само 18 вкупно наставен кадар се вклучени во генералниот штрајк, и наставен и технички кадар. Што значи во оваа бројка од 18 се и техничкиот кадар, има одвивање на наставата, истовремено и тие што штрајкуваат се во посебна просторија и мислам дека така, во ваква ситуација се во повеќе градови во нашата земја“, рече Шаќири.

Истовремено, тој вели дека има и одредени училишта каде не се пуштаат учениците и вработените во училиштата, но како што рече, тоа се првични информации кои треба да ги потврди со просветниот и трудовиот инспекторат.

„Го почитувам синдикалното право на штрајк, но социјалниот дијалог продолжува и мислам дека за брзо време ќе најдеме решение за оваа ситуација. Не само јас, но како влада од првиот ден сме влезени во овој процес за постигнување на договор“, рече Шаќири.

„Сите синдикати беа вклучени во преговорите за минималната плата, исто така и синдикатот СОНК беше вклучен во преговорите за минимална плата. Не бев вклучен во тој социо-економски договор за минималната плата, но според информациите сите беа договорени дека ќе го почитуваат договорот. Што значи тоа – имаме во законот минимум 6 месеци усогласување со другите плати. СОНК, првиот чекор во МОН го имаше на 3 март кога го достави барањето со 3 точки“, додаде министерот.

Според него, последниот чекор кој треба да се преземе е генералниот штрајк и посочи дека во текот на неделата ќе се одржат и други состаноци. Дополнително, Шаќири истакна дека ќе повика во најбрз можен рок да се најде заеднички одговор на проблемите, а наставата да продолжи секаде.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков пак, вчера рече дека штрајкот ќе трае додека не постигнат договор со властите, а за тоа како ќе се одвива приемот, грижата и образованието на децата и учениците, посочи дека тоа е одговорност на директорите на установите.

Мартин Колоски