Учениците со поддршка на штрајкот на наставниците, но не сакаат продолжена учебна година

Веќе втора недела трае штрајкот на просветните работници, а најголемиот дел од основците и средношколците не ги посетуваат училиштата. Владата и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) сè уште се во преговори, а училниците зјаат празни.

„Целосно ги поддржувам , не само поради губење на настава, туку сметам дека потполно се во право“, вели матурантката Ева од скопската гимназија „Никола Карев“.

Според неа, наставата не продолжила по целото полугодие во 2020 и не продолжила по зимскиот распуст, па нема смисла наставата да продолжи сега.

„Професорите се веќе отрпнати од припреми за матура, така што не ни прави разлика ова“, вели таа, одговарајќи дали изгубените часови влијаат на подготовката на матурските проектни.

Радио МОФ направи Инстаграм анкета во која ги прашавме основците и средношколците дали ги поддржуваат наставниците во штрајкот. Преовладуваат пораки на поддршка за просветните работници, но и стравување затоа како штрајкот се одразува врз нив преку губење на часовите и подготовката на матурата.

„Ги поддржувам, но не знам како ќе се одвива матурата, голем дел од средното образование го изгубивме“,

„Потполно“,

„Само нас лошо ни прават, не дека не е убаво дома, ама сметам дека доволно изгубивме со короната“,

„Да, бидејќи сè се зезна со зголемување на минималната плата“,

„Немање настава краток период не е важно, важни се нивните работнички права“,

„Не, две години онлајн никој не се бунеше, сега кога треба да работат вистински  не им одговара“, се дел од одговорите на кои ги добивме на интернет анкетата.

Ги прашавме и за нивниот став околу можното продолжување на учебната година. Овојпат во поголемиот број на одговори, преовладуваат ставовите дека учениците се против можното продолжување на наставата.

„Тоа воопшто не е важно“,

„Никој нема да оди, за џабе продолжуваат“,

„Нема да одам“,

„Тоа не би требало да се реализира, бидејќи законски професорите штрајкуваат, не учениците“,

„Бидејќи протестираат професорите, не сме должни да одиме уште толку денови во училиште“,

„Ќе штрајкуваме ако продолжиме со учебната година“, велат учениците.

„Ќе ни го зае*ат цело лето“

Кога станува збор за подготовките за матура, матурантката Мила С. со нас го сподели своето искуство.

„Едноставно не влијае, уште пред ‘распустов’ ниту еден професор не нè подготвуваше за матурскиот испит. По македонски јазик и литература кај мене во училиште не е направена ниту една подготовка за писмениот дел, решен беше само еден тест на почеток на полугодието и толку. Јас мислам дека некаква конкретна загуба не трпиме“, вели таа.

Останати матуранти одговарајќи на Инстаграм анкетата велат дека се соочуваат со проблеми со подготовките за матурски испит.

„Професори бегаат од нас и нè игнорираат кога им бараме материјали и прашања за нивниот предмет“,

„Најверојатно ќе ги преместат и ќе ни го зае*ат цело лето и плус уписите за на факултет“, гласат дел од одговорите добиени на анкетата.

Продолжување на наставата во викенди  е „де јуре“ решение

Професорот по историја во средното училиште СУГС „Кочо Рацин“, Илија Ангелоски, за Радио МОФ вели дека како просветен работник поддржува дека платата треба да биде повисока, но смета дека не е време да се протестира.

„Знаеме дека две години бевме во пандемија, па имаме економска криза. Можам да кажам дека треба да се најде некаков компромис, како што се понуди од Владата дека ќе има покачување од 10 проценти на платата и можеше да се прифати тоа од страна на колегите просветни работници, па понатаму ако сметаат дека е малку, можеше пак да се седне на маса и да се разговара за да се направи некаква пресметка и да има повторно покачување на платите. Не е решение штрајкот“, истакнува Ангелоски.

Професорот нагласува дека штрајкот има негативно влијание врз учениците.

„Тие ја губат наставата и ги занемаруваме обврските коишто се за полагање на матурските – припреми за матурски, бранење на матурски проектни, сето тоа целокупно влијае негативно врз децата и се рефлектира врз образовниот процес“, смета Ангелоски.

Дијана Петрова, професорка во математичко – информатичката гимназија во Скопје – МИГ, вели дека во периодот откога била ученичка, па до сега, кога е професорка, обврските и тежината на работа на еден професор се зголемени за неколку пати.

„Сега има постојана електронска комуникација со деца и родители, што значи и кога наставникот е надвор од училиштето; сега децата не се задоволуваат со прераскажување на лекции и споделување на информации бидејќи сè им е достапно на интернет; сега децата многу почесто се борат со анксиозност или интровертност, што значи постојано и поединечно комуницирање со секое дете и родител; сега децата се изложени на секакви измами, уцени, игри и дезинформации на интернет, што значи постојано внимавање на нивното однесување. Обврските на еден професор не се само држењето на часови, би рекла тие се најлесни. Учеството во созревањето, градењето на критичко мислење и ставови, покажувањето и насочувањето на патишта, шанси и одлуки е една од најсериозните и најважните работи на еден професор“, вели Петрова во своја Фејсбук објава.

Оттаму, таа дополнува дека поради ваквите причини, освен оправданата борба за повисока плата, за да се врати достоинството на професијата треба да има борба и за воведување на критериуми за станувањето професор, кои  нема да дозволат секој кој што не знаел што да прави со животот  да стане професор или наставник.

За Радио МОФ, Петрова се надоврзува дека секој училиштен ден поминат надвор од клупите, најмногу влијае негативно врз учениците, не само од образовни, туку и од воспитни причини.

„Скратените програми по кои претпоставувам дека ќе се работи до крајот на учебната година, ако штрајкот прекине поскоро, се само претрчување преку предвидените содржини и ако се земе предвид дека второто полугодие почна 10 дена подоцна, со овие дополнителни најмалку 7 се задава сериозен удар врз квантитетот, но пред сè квалитетот на наставата“, објаснува професорката.

Петрова смета дека можното продолжување на учебната година, односно изгубените денови да се одработат во неколку последователни саботи е само ,,де јуре” решение, бидејќи тие дополнителни денови нема да бидат сериозно, со полн училишен интензитет и ентузијазам разбрани и доживеани ниту од учениците, ниту од наставниците.

„Тоа продолжување на учебната година би значело поместување на роковите за уписи на факултети или пропуштени рокови за запишување на факултети надвор од земјава. И не само за факултетите, во многу средни училишта се полагаат примени тестови, кои најчесто се одржуваат почетокот на јуни, продолжувањето би значело и нивно поместување“, вели Петрова.

Судир на две уставно загарантирани права

Вчера, одговарајќи на новинарско прашање, народниот правобранител Насер Зибери изјави дека правото на штрајкот и правото на образование се две уставно загарантирани права, па во ситуација на судир на овие две права, според сите меѓународни документи и според Конвенцијата за правата на детето, предност треба да се даде на правата на децата, што значи дека воспитно – образовниот процес не треба да трпи последици.

Од друга страна, тој дополни дека треба да се внимава и на дигнитетот на наставниците и на сите вработени во образование, што подразбира и подобрување на нивната материјално финансиска состојба.

Зибери истакна дека упатил апел до Владата да се продолжат преговорите со синдикатот и што поскоро да се најде решение за да нема последици по воспитно – образовниот процес.

Тој дополни дека до Народниот правобранител не се доставени претставки за попречување на правото на штрајк, туку само за попречување на правото на образование.

Во меѓувреме, продолжуваат преговорите помеѓу Владата и СОНК. Од СОНК на 17 април не го прифатија понуденото зголемување на платите на просветните работници од 10 отсто, односно 2.500 денари.

Владата на вчерашната седница ги задолжи министерствата за образование и наука, труд и социјална политика и финансии со ребалансот на буџетот да предвидат средства за зголемување на платите во основното и средното образование и детската заштита за 10 отсто.

Дополнително, од Владата известија дека била формирана работна група за да се отпочне процес за преговори за колективен договор со репрезентативниот синдикат и за методологија за континуиран раст на платите во јавниот сектор.

Ивана Смилевска