Учениците во Тетово два дена ќе немаат настава поради загадениот воздух од пожарот во градот

* Од Општина Тетово подоцна соопштија дека наставата од утре сепак ќе продолжи, односно е констатирано дека нема ризик за учениците и граѓаните, според анализите и резултатите од станицата за мерење на квалитетот на воздухот.

Општина Тетово соопшти дека одлучиле денеска и утре да биде прекинат образовниот процес во општината поради големиот пожар кој денеска избувна во магацин во градот.

„Надлежните органи оценија дека квалитетот на воздухот во Тетово е доста влошен и за да го зачуваме здравјето на учениците ја донесовме оваа одлука. Апелираме и до граѓаните да не излегуваат непотребно од своите домови додека не се подобри состојбата со квалитетот на воздухот. Граѓаните и студентите кои ќе излегуваат надвор за лични потреби, треба задолжително да носат заштитни маски“, соопштија градските власти.

Утрово голем пожар избувна кај поранешната фабрика „Македонија табак“ која се наоѓа на излезот од градот. Според информациите од тетовската полиција во пожарот нема повредени, а противпожарните единици и понатаму се обидуваат да го изгаснат огнот.

Тетово вчера беше погодено и од големо невреме кое предизвика поплавување на повеќе улици низ градот. Од Општината денеска известија дека формирале тим кој ќе биде во контакт со сите граѓани кои претрпеле штета од поплавите.

„Се известуваат сите граѓани, во рок од три дена да се јават на телефонскиот број  075 353 260 и да ги пријават штетите од невремето. Покрај пополнувањето на формуларот, тие треба да достават: 1. Копија од лична карта или пасош, 2. Копија од банкарски документ од трансакциска сметка, 3. Доказ (слики) од штетите предизвикани од елементарни непогоди“, соопштија од Општина Тетово.