Вчера дојави за бомби имало во 8 скопски училишта, од МВР потврдија дека пријавите биле лажни

Не до пет, туку до осум училишта во Скопје вчера по мејл стигнала закана за поставена бомба. Од Министерствтото за внатрешни рабти (МВР), по направените проверки, велат дека станувало збор за лажни пријави.

„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави дека осум училишта на територија на Скопје добиле мејл со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, посочуваат од МВР.

Вчера, првичните информации беа дека дојава за бомба стигнала до пет средни училишта во Скопје. Нешто околу пладне училиштата беа испразнети од ученици и наставен кадар, а во објектите беше забележливо силно полициско присуство.

Загриженост изразија од Сојузот на средношколци, кои повикаа на зголемување на безбедноста во училиштата.

„Во последниот период јавноста сведочеше на слични дојави за бомби во училишта и болници во соседна Р. Србија. Сојузот ја поздравува брзата акција на безбедносните служби. Ограноците на Сојузот нè информираа дека евакуацијата е целосно спроведена, а настава нема да има за учениците од втората смена. Сојузот на средношколци апелира на зголемување на безбедноста во средните училишта. Ги повикуваме нашите соученици да бидат смирени бидејќи паниката е нашиот најголем непријател во овие ситуации. Безбедносните и училишните служби да бидат професионални и методични во работењето, за да се заштитат средношколците и сите останати вклучени во образовниот процес“, соопштија вчера од Сојузот на средношколци.