Евакуација во скопски и кумановски училишта поради нови дојави за подметнати бомби

Утрово пристигнале нови дојави за поставени бомби во повеќе училишта од Скопје и Куманово, потврдија од МВР.

Учениците и наставниот кадар се евакуирани, а во моментов, според информациите на полицијата, на локациите се вршат антитерористички проверки.

„Утрово во СВР Скопје и СВР Куманово било пријавено дека на електронските адреси на училишта во Скопје и Куманово е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, информираа од МВР за Радио МОФ.

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски преку соопштение информираше дека дојави за бомби пристигнале во девет основни и едно средно училиште на територија на Општина Куманово. Станува збор за основните општински улилишта „11 Октомври“, „Бајрам Шабани“, „Браќа Миладиновци“, „Крсте Мисирков“, „Браќа Рибар“, „Јероним Дерада“, „Карпош“ – Умин Дол, „Кирил и Методиј“, „Кочо Рацин“ и средното општинско улилиште „Гоце Делчев“.

„Екипите на СВР Куманово при Министерството за внатрешни работи се на терен и се преземаат мерки за расчистување на случаите. Учениците и наставниците безбедно се евакуирани, а родителите и граѓаните да бидат смирени. Во текот на вчерашниот ден, во Општината имавме координативен состанок за справување во кризни ситуации и преземање на мерки“, вели Димитриевски.

Од Општина Аеродром информираа дека дел од дојавите за поставени бомби се во основни училишта во оваа Општина. Оттаму апелираа на смиреност и на почитување на правилата и протоколите за постапување во овие случаи.

„Благодарение на брзото постапување, до сега сите дечиња се на безбедно, придружувани од своите родители или наставниот кадар. Според информациите кои ги поседуваме, во сите училишта е спроведен планот за евакуација, кој предвидува децата да бидат на безбедна дистанца од училиштата. Истовремено, родителите се повикани доколку се во можност, да ги земат своите деца од училиште. Општина Аеродром одржува редовна и постојана комуникација со полициските службеници од Министерството за внатрешни работи. Сите наши ресурси се ставени на располагање до целосно завршување на потребните проверки“, соопштија од Општина Аеродром.

Од 26 октомври па сѐ до денес, ова е по петнаесетти пат да се пријавуваат дојави за бомби. Покрај во училишта изминатиов период имаше дојави за поставени експлозивни направи и во Народната Банка, полициска станица, Министерството за надворешни работи, Транспортниот центар и повеќе трговски центри и станбено-деловни комплекси. Досега беше утврдено дека сите дојави се лажни.