Поради дојава за бомба евакуирани пет училишта во Скопје

Учениците и наставниците од пет училишта во Скопје попладнево се евакуираат од училишните објекти, откако до училиштата преку официјалните мејл адреси стигнала закана за поставена бомба.

Учениците се собрани во школските дворови, додека во училиштата може да се забележи засилено полициско присуство.

Од Министерството за внатрешни работи го потврдуваат случајот и информираат дека нивните служби се на терен.

„Денеска во СВР Скопје е пријавено дека на меил адреси на пет училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

Од МИА, според неофицијални извори, пораката била пратена до средните училишта „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“, „ Раде Јовчевски-Корчагин“ и АСУЦ „Боро Петрушевски“.

Загриженост изразија од Сојузот на средношколци, кои повикаа на зголемување на безбедноста во училиштата.

„Во последниот период јавноста сведочеше на слични дојави за бомби во училишта и болници во соседна Р. Србија. Сојузот ја поздравува брзата акција на безбедносните служби. Ограноците на Сојузот нè информираа дека евакуацијата е целосно спроведена, а настава нема да има за учениците од втората смена. Сојузот на средношколци апелира на зголемување на безбедноста во средните училишта. Ги повикуваме нашите соученици да бидат смирени бидејќи паниката е нашиот најголем непријател во овие ситуации. Безбедносните и училишните служби да бидат професионални и методични во работењето, за да се заштитат средношколците и сите останати вклучени во образовниот процес“, велат од Сојузот на средношколци.