Уписите за средно ги открија петките „дадени од ракав“ во основното образование

Кога доаѓа време за упис во средни училишта, врвулици од „петкаши“ ги освојуваат дворовите на средните училишта. Оваа година, полуматурантите со сите петки „навалија“ во скопската гимназија „Орце Николов“, па имаше повеќе ученици од слободни места, односно беа отворени 252 места, а на уписот се пријавија скоро 300 ученици.

Поради тоа, од Гимназијата одлучија пријавените ученици да полагаат приемен испит на 20 јуни по предметите македонски јазик и математика, согласно Конкурсот за запишување на ученици во јавните и средни училишта за учебната 2022/2023 година според Министерството за образование и наука (МОН).

Резултатите од приемниот испит покажаа дека нешто е гнило во македонскиот образовен систем. Па така, само 11 од 292-та тестирани ученици покажале одличен успех на приемниот испит, а 39 ученици покажале многу добар успех.

Најголем број од пријавените ученици покажале добар успех, односно 133 ученици, додека доволен успех имале 70 ученици.

Недоволен успех на приемниот испит покажале 39 полуматуранти со континуиран одличен успех.

Мора итни реформи во образованието

Митко Димовски, директор на Гимназијата „Орце Николов“ за Радио МОФ вели дека мора да се вратат приемните испити за упис во средно бидејќи резултатите со навистина поразителни.

„Толку многу ученици, со толку многу петки, покажале просечен, или ајде да кажеме, потпросечен резултат, што укажува на тоа дека мора да се воведат итни реформи и мора да се врати приемниот испит“, вели тој.

Димовски посочува дека стресот не е главната причина за „поразителните“ резултати, туку тоа што се пишуваат петки, условно кажано, „од ракав“.

„Под голем притисок се и наставниците во основно, кои мора да напишат петки таму каде што недостасуваат за потоа учениците да се запишат во гимназиите. Потоа резултатите се нерелевантни и еве што се случи. Приемниот во `Орце Николов` го покажа тоа“, вели тој.

Според директорот на скопската гимназија, приемните испити за упис во средно образование, како пракса, апсолутно мора да продолжи, односно да има приемни испити за упис секаде каде што има зголемен број на ученици.

„Само на тој начин ќе можеме да почнеме да излегуваме од оваа криза во образованието. (…) Да има квалификационо тестирање, и мислам дека се потребни приемни испити или мала матура како што има во соседните држави. По завршувањето на основното училиште една мала матура да се направи, за да се издвојат оние ученици што вистински го покажале своето знаење. На тој начин и наставниците ќе бидат заштитени од тој притисок во основното училиште по секоја цена да се пишуваат петки“, забележува Димовски.

Димовски повикува и на поголема свесност кај родителите, за сè она што се случува во образовниот систем.

„Не се работи само за гимназиското образование, гимназиите се полни, но што станува со стручните училишта каде што се воведоа дуални паралелки. Каде учениците по завршувањето на средното училиште им е гарантирана работата. Не секој мора да заврши факултет. Што се случува со занаетчиството кај нас? Веќе немаме работници, нема работна сила. Имаме премногу магистри, имаме премногу дипломци. магистри и доктори, меѓутоа немаме работна сила. Треба да се размисли да се најде начин како во средните стручни училишта да се запишуваат ученици“, вели тој.

Одличните основци потоа паѓаат и на ПИСА тестирањето

Според резултатите од ПИСА, најголемото светско меѓународно истражување во образованието во кое се вклучени ученици на 15 годишна возраст, македонските средношколци во 2019 година го освоија 67-то место од 78 земји во светот според совладани техники на читање.

Според тогашните резултати, средношколците од земјава го добија 67-то место по математика во конкуренција од 78 земји и 63-тото место по резултатите од тестирањата за наука, во конкуренција со 78 земји.

ПИСА тестирањето се спроведува уште од 2000-та година од страна на Организацијата за економска соработка и развој (OECD), а во 2021 година се случи и пробно електронско ПИСА тестирање на 885 ученици на 15 годишна возраст од 13 средни училишта.

Следното меѓународно ПИСА тестирање треба да се одржи оваа година.

Македонските ученици малку подобри, но остануваат меѓу најслабите на ПИСА тестирањето

Ивана Смилевска