„Средношколците и професорите да бидат пријатели пред сѐ“ – пет години „ОрцеTalks“

Тематски дискусии, дебати, средношколски разговори за да се поттикне критичко размислување кај учениците, слободно изразување на мислење и аргументација на ставови за теми надвор од формалното образование се главните активности на средношколската организацијата „ОрцеTalks“. Тие во саботата прославија пет години од формирањето со музика, храна и добро друштво.

„Најчесто зборуваме за средношколскиот начин на живот, вредности на кои треба да се потсетиме, морал, етика, футуристички теми, како го замислуваме светот во иднината, роботика“, вели за Радио МОФ Лука Кадриќ, кој е трета година во средното училиште „Орце Николов“ и прва година активно членува во „ОрцеTalks“.

Во иницијативата членуваат само средношколци, но нив ги посетуваат и ученици кои претходно биле дел од истата и кои им помагаат за подобра организација на настаните што групата од 15 ученици ги организира барем еднаш месечно.

„На настаните ги дискутираме барањата и актуелните потреби на самите учесници за што често спроведуваме анкети и анализи. По секој настан се јавува поголем интерес за следниот, исто така ме радува да кажам дека го запазуваме диверзитетот на групата, во дискусиите се вклучуваат ученици од сите четири години, а исто и од сите училишта низ Скопје бидејќи ги отвораме за сите, студенти, основци, родители“, забележува Лука.

Настаните на „ОрцеTalks“ се разговараат и на часовите, учениците им поставуваат прашања на професорите за време на наставата надвор од наставната програма со што се постигнува основната цел на организацијата.

Лука додава дека темите на разговорите се менуваат во зависност од интересот на актуелните членови, а и покрај тоа бројот на членови останува ист.

„Според досегашните анализи, учениците најмногу бараат да се измени односот со професорите и тој да стане попријателски. Тие треба да продолжат да бидат нашите едукатори и ментори, но во односот наставник – ученик треба да има и пријателство, да се зголеми пристапноста за да може да им се обратиме за сѐ што ни е потребно во формалното и неформалното образование, а учениците бараат и области што не се опфатени во програмата како сексуалното образование или финансиска писменост“, посочува Кадриќ.

Ангела Бошкоска