Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

  1. Патниците ќе почекаат на билетите за едно возење – ЈСП сè уште нема објавено тендер за нивна набавка
    Од крајот на април во автобусите и билетарниците на ЈСП Скопје има недостиг или воопшто ги нема билетите за едно возење, а патниците ќе почекаат уште некое време за да можат да ги набават на сите предвидени места, бидејќи сè уште не е објавен нов тендер за нивна набавка.

    Од ЈСП за Радио МОФ посочија дека постапката е во тек, односно дека се подготвува тендерската документација за објава на јавниот повик.

    „Во повеќето автобуси и билетарници го нема, со оглед на тоа дека количините на билетот се при крај, односно има голема заинтересираност за негово користење. Во продажба има уште 15.000 – 20.000 такви билети“, изјавија од ЈСП.

2. Кој земаше највисока, а кој најниска плата во април? [Инфографик]


Просечната нето-плата во април 2022 година во Северна Македонија изнесувала 31.525 денари, покажаа последните податоци на Државниот завод за статистика. Истовремено бројките покажуваат дека разликата меѓу најниската и највисоката плата според дејностите изнесува повеќе од 64 илјади денари.

Ние направивме листа од десетте најмногу и најмлаку платените дејности според последните податоци на статистичарите

3. Уписите за средно ги открија петките „дадени од ракав“ во основното образование


Кога доаѓа време за упис во средни училишта, врвулици од „петкаши“ ги освојуваат дворовите на средните училишта. Оваа година, полуматурантите со сите петки „навалија“ во скопската гимназија „Орце Николов“, па имаше повеќе ученици од слободни места, односно беа отворени 252 места, а на уписот се пријавија скоро 300 ученици.

Поради тоа, од Гимназијата одлучија пријавените ученици да полагаат приемен испит на 20 јуни по предметите македонски јазик и математика, согласно Конкурсот за запишување на ученици во јавните и средни училишта за учебната 2022/2023 година според Министерството за образование и наука (МОН).

Митко Димовски, директор на Гимназијата „Орце Николов“ за Радио МОФ вели дека мора да се вратат приемните испити за упис во средно бидејќи резултатите со навистина поразителни.

„Толку многу ученици, со толку многу петки, покажале просечен, или ајде да кажеме, потпросечен резултат, што укажува на тоа дека мора да се воведат итни реформи и мора да се врати приемниот испит“, вели тој.

4. Град Скопје нема механизација за да ги тргне канделабрите од Плоштад „ВМРО“


Градските власти се менуваат, но канделабрите оставени на јавниот простор кај Плоштад „ВМРО“ се чини дека на истото место ќе останат засекогаш.

Канделабрите се оставени таму со години, а се тргнати од нивната првична позиција поради градежните активности кои почнаа кај поранешниот хотел „ТЦЦ Плаза“.

Од Град Скопје за Радио МОФ велат дека дислокацијата на канделабрите е тешко остварлива бидејќи не ја поседуваат потребната механизација.

„Градот ќе треба да направи една цела постапка со која што се трга опремата од таму, за да ја носиме во некој магацин. Станува збор за огромна, габаритна урбана опрема, а од службите велат дека не знаат дали може камионот и дигалката што е за такви работи да послужат, ќе треба да најмува Градот, зошто нема таков вид на механизација со која што може моментално да се земат канделабрите, да се качат во камионот и да се однесат“, велат од градската администрација.

5. [Фото] Млади и стари излегоа за љубов, трета Парада на гордоста во Скопје

Река од стотици луѓе обоена во боите на виножитото, со транспаренти и знаменца, се собра во паркот „Жена Борец“, пред започнувањето на третата по ред, скопска Парада на гордоста.

Почетокот на протестниот марш низ улиците на Скопје претходеше со поздравни говори, а Ева Цветковска, претседателката на Универзитетското студентско собрание, својот говор го посвети на дискриминацијата на ЛГБТИ+ младите во македонскиот образовен систем.

По говорите, знамето на виножитото се развиори, дури и како симболичен одговор на темните облаци и портокаловото зајдисонце. Учесниците на Парадата весело и во придружба на музика се упатија кон Стадионот на АРМ, каде следува културно-забавната програма во рамки на Парадата.

Парадата ќе продолжи со културно уметничка програма на Стадионот на АРМ, која ќе биде отворена со настап на овогодишната македонска претставничка на Евровизија, Андреа Коевска.

+ Бонус: 

[Галерија] Живите статуи на „Театроск“ заиграа „Танго на улица“

„Танго на улица“ е годинешната тема на фестивалот „Статуафест“, кој од 23 до 25 јуни се одржува на скопскиот „Сквер Јадран“. Таму деновиве минувачите можат да видат 15-ина уметници од изведувачката група „Театроск“, кои се „претворени“ во живи и колоритни статуи.

„Фестивалот има тенденција да го претвори Скопје во една мала, но, сепак, голема уличка, сместена некаде во некој раздвижен простор во длабочините на духот на аргентинското танго, тежнеејќи да ги види и запознае оние страсни скопјани кои со сиот свој дух лудуваат по тангото, притоа ‘премачкани’ во и со тој разигран уличен миг на евергрин“, рекоа од „Театроск“.