Град Скопје нема механизација за да ги тргне канделабрите од Плоштад „ВМРО“

Градските власти се менуваат, но канделабрите оставени на јавниот простор кај Плоштад „ВМРО“ се чини дека на истото место ќе останат засекогаш.

Канделабрите се оставени таму со години, а се тргнати од нивната првична позиција поради градежните активности кои почнаа кај поранешниот хотел „ТЦЦ Плаза“.

Од Град Скопје за Радио МОФ велат дека дислокацијата на канделабрите е тешко остварлива бидејќи не ја поседуваат потребната механизација.

„Градот ќе треба да направи една цела постапка со која што се трга опремата од таму, за да ја носиме во некој магацин. Станува збор за огромна, габаритна урбана опрема, а од службите велат дека не знаат дали може камионот и дигалката што е за такви работи да послужат, ќе треба да најмува Градот, зошто нема таков вид на механизација со која што може моментално да се земат канделабрите, да се качат во камионот и да се однесат“, велат од градската администрација.

Оттаму додаваат дека без механизацијата потребна е јавна постапка, која евентуално би требало да ја одобри Советот на Град Скопје, по што ќе треба да се пронајде фирма изведувач.

Од Град Скопје забележуваат дека според можностите и ресурсите, парите потребни за релокација на канделабрите, според нив, подобро е да бидат искористени на проект кој ќе биде од поголем интерес на граѓаните, наместо во постапка која, како што велат – нема ништо да промени.

Радио МОФ и претходно пишуваше за проблемот со канделабрите кои го попречуваат јавниот простор. Во февруари 2020 година, тогашната градска администрација посочи дека канделабрите се тргнати поради градежните работи што се изведуваат во близина, на објектот на поранешна „ТЦЦ Плаза“, а за тоа на изведувачот му било дадено одобрение.

Сепак, актуелната градска власт вели дека градежната парцела е спорна и дека уште тогаш требало да се реагира.

„Е сега, таму има друг правен проблем, тој таму градел, како што ние сме известени, без дозвола. Значи, никој ниту му дозволил, да може да гради таму, а не па да ги трга канделабрите. Претходново градско раководство требало во моментот кога увиделе дека (канделабрите) се ваделе, да изреагираат и да се задолжи сопственикот за истото да не го направи. Ние сега пост-фестум што можеме да направиме?“, велат од Град Скопје.

Канделабрите се „трн во око“ за Скопјани. Во февруари 2020 година жителите побараа отстранување на канделабрите и ги облепија со рачно испишани пораки.

„Навистина е штета кога човек себеси се гледа како да не е дел од природата, од просторот во кој битисува? Зарем овој ‘отпадок и ѓубре’ е нешто туѓо, или тоа сме ние. Веднаш да се отстрани“, гласеше една од пораките на канделабрата.

[Фото] Отстранетите канделабри на плоштадот ВМРО сè уште го „декорираат“ просторот

Ивана Смилевска