Патниците ќе почекаат на билетите за едно возење – ЈСП сè уште нема објавено тендер за нивна набавка

Од крајот на април во автобусите и билетарниците на ЈСП Скопје има недостиг или воопшто ги нема билетите за едно возење, а патниците ќе почекаат уште некое време за да можат да ги набават на сите предвидени места, бидејќи сè уште не е објавен нов тендер за нивна набавка.

Од ЈСП за Радио МОФ посочија дека постапката е во тек, односно дека се подготвува тендерската документација за објава на јавниот повик.

„Во повеќето автобуси и билетарници го нема, со оглед на тоа дека количините на билетот се при крај, односно има голема заинтересираност за негово користење. Во продажба има уште 15.000 – 20.000 такви билети“, изјавија од ЈСП.

Претпријатието имаше објавено оглас за „Набавка на електронски билети за систем за електронска наплата“ на 4 март годинава, но истиот беше поништен, поради, како што посочија претходно од ЈСП, пропусти во доставената тендерска документација во некои од понудите.

Оттаму, тогаш истакнаа дека за овие билети има голем интерес. Па така, велат дека во периодот од јануари до март годинава биле продадени 96.685 билети за едно возење, а во истиот период минатата година биле продадени 52.808 билети.

Инаку, и покрај зголемените цени на горивата, од ЈСП велат дека не размислуваат за покачување на цената на услугите, односно, цените на сите билети остануваат исти како и досега.

„Факт е дека константниот пораст на цената на горивата директно влијае на финансиската состојба на претпријатието, но факт е и дека благодарение на нашето домаќинско работење, истовремено и големата поддршка на Град Скопје, успеваме да го одржуваме претпријатието во кондиција, сето тоа во интерес на скопјани, на корисниците на јавниот превоз“, велат од ЈСП.

Билетот за едно возење кој чини 50 денари беше пуштен во продажба во февруари, 2020 година. Наменет е за еднократна употреба, а се валидира бесконтактно на постоечките валидатори.

Недостиг на билети за едно возење во автобус, ЈСП тврди снемало поради голем интерес

Мартин Колоски