Недостиг на билети за едно возење во автобус, ЈСП тврди снемало поради голем интерес

Во повеќето од автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) изминативе неколку денови патниците не можеа да купат билет за едно возење од возачите, бидејќи билетите ги немаше на залиха.

Од ЈСП за Радио МОФ ја потврдија оваа информација. Причината, според нив, е што количините на билетот се при крај, односно има голема заинтересираност за нивно користење.

Оттаму објаснуваат дека навремено распишале оглас за јавна набавка на нова количина од билетот, но таа била поништена поради пропусти во доставената тендерска документација во некои од понудите.

Претпријатието има објавено оглас за „Набавка на електронски билети за систем за електронска наплата“ на 4 март годинава во процената вредност од 4.2 милиони денари. Дополнително во огласот е наведено понудувачите во делот на финансиската понуда, да ја изразат цената на картичката во количина од еден билет.

Истовремено, од ЈСП велат дека во тек е процедура за повторување на набавката. На страницата на Електронскиот систем за јавни набавки не е објавен оглас за оваа намена.

„Во меѓувреме, на корисниците на јавниот превоз им се достапни повеќе видови билети, билет од десет возења, дневен билет, билет за едно возење купен или валидиран со електронска картичка, со ‘Mobipay’, со мобилна апликација и слично…“, велат од ЈСП.

Инаку, од Претпријатието посочуваат дека во периодот од јануари до март годинава биле продадени 96.685 билети за едно возење, а во истиот период минатата година биле продадени 52.808 билети.

Билетот за едно возење кој чини 50 денари беше пуштен во продажба во февруари, 2020 година. Наменет е за еднократна употреба, а се валидира бесконтактно на постоечките валидатори.

Мартин Колоски