ЈСП со нов билет за неограничени возења во еден ден

Јавното сообраќајно претпријатие – Скоје соопшти дека од денеска, (11 април) во билетарниците и центрите за персонализација на ЈСП – Скопје пуштен е во продажба дневен билет кој чини 120 ден и важи за повеќекратно користење на сите линии во текот на еден ден.

Новиот тип на билет важи од 05 до 24 часот, со можност за неограничен број возења, односно преседнувања на сите линии (градски и приградски).

Патникот има обврска да го валидира билетот на постоечките валидатори во секое возило во кое ќе преседнува.

„Билетот се воведува со цел да се овозможи подостапно и полесно користењето на јавниот превоз на оние патници кои имаат потреба од повеќекратно користење на јавен превоз во текот на еден ден, а не поседуваат електронска картичка „Скопска“ – туристи, граѓани од внатрешноста, граѓани кои инцидентно имаат потреба од јавен превоз и слично“, информираа од ЈСП – Скопје.

Оттаму додаваат и дека од денеска автобусите кои сообраќаат на линија 4, во реонот на Ѓорче Петров се движат по нова изменета траса од досегашната, односно минуваат од кај пазарчето и црквата.

„Во насока од 11 Октомври кон Хром, од булевар „Партизански одреди“ возилата сообраќаат до кружната крстосница кај црквата „Свети Апостол Петар и Павле“, потоа вртат лево по булевар „Македонска војска“, па продолжуваат лево по улица „Ѓорче Петров“ и кај кружниот тек (споменик на Ѓорче Петров) вртат десно по улица „Воин Драшковиќ“ до крајната/почетната постојка во Хром. Посочениот режим важи и во обратна насока, односно од Хром кон 11 Октомври“, соопштија од ЈСП – Скопје.

Новиот режим на сообраќање е согласно измената на Одлуката за линиски превоз на патници во градот Скопје, која беше донесена на последната Седница на Совет на Град Скопје со која се усвоија и нови возни редови за повеќе линии.

Со одлуката, извршено е усогласување на возните редови на линиите 4, 4а, 64а, 73 и 163 кои се достапни на веб страницата на ЈСП Скопје (www.jsp.com.mk).

„Посочените корекции се направени врз основа на искажаните потреби на корисниците на јавниот превоз и извршените анализи на податоци од системот за АВЛ и SMART TIKETING, се со цел давање поквалитетни превозни услуги и поголема достапност на корисниците до мрежата на линии“, посочуваат од ЈСП – Скопје.