ЈСП: Воведени две дополнителни редовни автобуски линии

Советот на Град Скопје денеска на 13-тата седница ја донесе Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за линиски превоз на патници во градот Скопје, со која се воведуваат две нови редовни автобуски линии, соопшти Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје.

Првата автобуска линија ќе го има бројот 29 и ќе се движи од Карпош 3, кај „Сити мол“ до Жданец, по улиците „Жданец“, „Трнондол“, „Козле“, булевар „8-ми Септември“ и булевар „Партизански Одреди“ и Карпош 3 кај „Сити мол“ и обратно.

Втората автобуска линија е со број 50А, која ќе сообраќа од населбата Хиподром 2 до Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Автобусите на оваа линија ќе се движат по улица „1646“, улица „Благоја Стефковски“, булевар „Александар Македонски“, булевар „Крсте Петков Мисирков“, булевар „Гоце Делчев“, улица „Филип Втори Македонски“, улица „Димитрие Чуповски“, булевар „Св. Климент Охридски“ и булевар „Мајка Тереза“ и обратно.

„Покрај двете нови линии, се врши и промена на возниот ред на линијата број 60, како и промена на возниот ред на линијата број 50 со цел усогласување со возниот ред на новата редовна линија 50А“, соопштија од ЈСП.

Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за линиски превоз на патници во градот Скопје, од ЈСП посочија дека се носи врз основа на барања на корисниците на јавниот превоз, а врз основа на податоци од снимања на линиите и анализирање на податоци од системот за „АВЛ“ и „SMART TIKETING“.