Македонските ученици малку подобри, но остануваат меѓу најслабите на ПИСА тестирањето

Учениците од Северна Македонија повторно се во групата држави кои покажуваат најлоши резултати во читање, математика и природни науки на новото ПИСА тестирање од 2018 година, чии резултати беа објавени денеска, во кое се мери знаењето на 15-годишниците од 78 светски држави и провинции кое го изработува Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Во последното тестирање, средношколците од земјава покажале мало подобрување во споредба со последното ПИСА тестирање од 2015 година. С. Македонија се наоѓа на 67-то место од 77 земји во светот според читање. Според резултатите по математика е на 67-то место од 78 држави и провинции, додека според наука е на 63-тото место од 78 земји. Тоа претставува извесен напредок во однос на тестирањето во 2015-та, кога земјава беше меѓу последните пет земји во сите три категории кои се тестираат.

Од регионот единствено полош резултат оствариле учениците од Косово, додека најдобри резултати покажале 15-годишниците од Словенија.

Македонските средношколци имаат вкупно 393 поени во читање (487 е просекот на земјите од ОЕЦД), 394 по математика (489 просек во ОЕЦД) и 413 од природни науки (489 просек во ОЕЦД). С. Македонија  се наоѓа во најслабите групи според читање и математика, додека најдобар резултат има во делот за природни науки, каде се наоѓа во третата од вкупно четири групи рангирани според остварениот успех.

Кина и нејзините две провинции Макао и Хонг Конг, заедно со Сингапур, покажале најдобри резултати на последното тестирање. Меѓу првите десет земји во светот се уште и Естонија, Канада, Финска, Ирска, Кореја, Полска. Додека Филипини, Доминиканска Република и Косово се трите најлоши држави според достигањата на 15-годишниците во тестирањето.

Во извештајот на ОЕЦД за тестирањето, го потенцираат и загрижувачкиот проблем дека во една третина од државите повеќе од половина од средношколците се изјасниле дека „интелигенцијата е нешто за нив што не може да се менува премногу“. Оваа бројка е најголема во Северна Македонија, Косово, Индонезија, Доминиканска Република, Панама и Филипини, каде преку 60% од учениците се согласиле со ваквото тврдење.

„Малку е веројатно овие ученици да инвестираат во себе, што е неопходно за успех во училиштето и животот“, се додава во извештајот.

Споредба на резултатите по читање со вложувањето во образование

С. Македонија е и меѓу државите каде постои најголема разлика меѓу резултатите на момчињата и девојчињата. Во делот за читање, каде оваа година е насочен фокусот на ОЕЦД, девојчињата од македонските средни училишта имале просечно 52 поени повеќе од момчињата. Во математика оваа бројка е 9 поени, додека во природните науки таа изнесува 19 поени повеќе за девојчињата.

Македонските 15-годишници се и меѓу најзадоволните со својот живот во споредба со нивните врсници од другите земји. Дури 81% од средношколците изјавиле дека се задоволни со животот, што ја става земјава на седмото место во оваа категорија.

Во последното ПИСА истражување учествувале 600.000 ученици кои го завршиле двочасовното тестирање. Секој четврти ученик имал проблем со основните аспекти од читањето, како идентификување на главната идеја во текстот или поврзување на делови од информацијата обезбедени од различни извори. Само еден од секои десет ученици успеале да ги совладаат комплексните задачи поврзани со читање, како што е разликувањето на факти од мислења кога читаат за непозната тема.

ПИСА (Програма за меѓународно оценување на ученици) е меѓународна студија која ги мери способностите и знаењата на учениците на крајот на задолжителното образование на возраст од 15 год. Со ова тестирање повеќе се проверува колку добро учениците се подготвени за живот по завршување на училиштето, отколку колку добро учениците ги совладале содржините што се предвидени со наставните програми.