СЕММ: Медиумите да известуваат одговорно, а не да промовираат прекршување на заштитните мерки

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) апелира до медиумите на зголемена одговорност во информирањето на јавноста за тековната пандемија и мерките за здравствена заштита на населението, вклучувајќи го и процесот на вакцинација.

„Во околности кога континуирано расте бројот на лица коишто се новозаразени со коронавирусот, од медиумите се очекува подеднакво да учествуваат во заложбите за зголемување на довербата на граѓаните во мерките за заштита на нивното здравје, преку коректно, урамнотежено и професионално информирање. Секое користење на медиумите како платформа за ширење апели на поединци и групи кои повикуваат на избегнување на мерките за заштита е во спротивност со нивната улога како значаен актер во адресирањето на дезинформациите и пропагандата“, велат од СЕММ.

Од Советот порачуваат дека дека вакцинацијата е тема којашто предизвикува различни интерпретации кај граѓаните, па поради тоа особено е важно луѓето да добиваат информации од извори на кои можат да им веруваат, коишто се засноваат на факти и помагаат во носењето рационални одлуки околу нивното здравје.