Владата со народни пари фаворизира одредени медиуми, реагираат ЗНМ, СЕММ и ССНМ

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) реагираа дека вчера во рамки на работната посета на македонската делегација во Рим предводена од премиерот Димитар Ковачевски биле присутни само одредени медиуми за да известуваат за настанот.

Во заедничката реакција се посочува дека за изборот на приватните медиуми, кој е на трошок на буџетот на граѓаните нема објаснување од Владата кои се критериумите и зошто токму тие медиуми се поканети.

„Настрана фактот што владини посети на државен трошок треба да следат јавните медиумски сервиси, а не приватни медиуми, овој селективен пристап на Владата, без никакви критериуми, може да се толкува и како фаворизирање на конкретните медиуми. Немањето на транспарентни и јасни критериуми за тоа како е направен изборот кој медиум ќе известува за официјалната владина посета во Рим создава дискриминација во медиумскиот сектор и ги става медиумите во нерамноправна положба“, се додава во заедничкото соопштение.

Оттаму велат дека користењето јавни ресурси за да се стимулираат само поединечни медиуми на официјални посети во странски држави е непрофесионално и е на штета на медиумите и на граѓаните.

„Потребно е сите медиуми да имаат фер и транспарентен пристап до информации за да се зачува објективното известување и јавниот интерес во медиумските извештаи“, се додава во заедничката реакција на медиумските организации.

Дополнително, тие потсетуваат дека Собранието пред две недели избрало приватен медиум за официјална посета од странство, како што велат, нетранспарентно и без критериуми, додавајќи дека „станува јасно дека овие опасни процеси, карактеристични за едни други медиумски времиња се враќаат и се закануваат повторно на медиумските слободи“.

Истовремено, ЗНМ, ССНМ и СЕММ посочија дека за случајот ќе ги известат сите свои партнери и меѓународни организации кои ги следат прашањата со независноста на медиумите и правата на новинарите во Македонија.