ЗНМ и ССНМ: Владините прес-служби не смеат да имаат предност пред медиумските екипи

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска преку заедничко соопштение посочија дека група новинари, фоторепортери и сниматели утрово повторно биле спречени да известуваат за настан од скопскиот аеродром од службите за обезбедување.

Оттаму соопштија дека додека се одвивала промоцијата на авионската линија Скопје – Софија, претставници на домашните медиуми биле дистанцирани на стотици метри од настанот, без можност да земат изјава или да документираат кадри од случувањата. Истовремено, тие посочија дека сниматели вработени во владините институции, но и новинари од Бугарија имале пристап до самиот авион по слетувањето, како и до претставници од делегацијата.

„ЗНМ и ССНМ сметаат дека е неприфатлив ваквиот третман на медиумските екипи кои притоа беа уредно поканети и акредитирани за проследување на настанот. Потребно е да се сфати дека тие се таму на задача со цел да известуваат во име на јавноста и дека организаторите на настанот треба да обезбедат соодветни услови за работа. Од друга страна владините сниматели и службеници за медиуми не смеат да имаат привилегиран статус, бидејќи на тој начин стануваат конкуренција на медиумите, а тоа може да го наруши и правото на информирање на граѓаните“, се вели во нивното соопштение.

Здружението и синдикатот велат дека домашните медиуми за настанот имале добиено уредна покана од Министерството за транспорт и врски.

Во меѓувреме, тие велат дека ова не е прв ваков случај на скопскиот аеродром и потсетија дека пред извесно време на настан поврзан со пристигнувањето на бегалци од Авганистан, владини службеници снимале видеа и ги емитувале на социјалните мрежи, додека новинарските екипи биле дистанцирани и попречени да ја работат својата работа.