„Легализирање на медиумската корупција“ – Новинарските здруженија се против враќање на кампањите во медиумите

Новинарските здруженија од земјава реагираат на најавите за укинување на забраната за рекламирање со јавни средства во приватни медиуми преку менување на членот 102 од Законот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, укажувајќи на на штетните последици од ваквиот потег.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) своето негодување го искажаа во писмо упатено до претседателот, премиерот, претставниците на Владата, претседателот Собранието и координаторите на политичките партии во Северна Македонија.

„Еснафските новинарски и медиумски организации укажуваат дека оваа пракса на откупување на простор во медиумите од страна на јавните установи во медиумите за кампањи може да ја поткопа независноста во медиумите и да го загрози правото на слобода на изразување. Дополнително, ова може сериозно да го наруши медиумскиот пазар кој и така е под влијание преку јавни средства кои се предвидуваат во Изборниот закон преку платената политичка програма“, реагираат новинарските здруженија.

„Освен штетата кон независноста на медиумите а со тоа и штетата на правото на информирање на граѓаните, оваа пракса на враќање на платените владини кампањи, може да го манипулира јавниот интерес преку кампањи кои би се промовирале како јавни а во основа имаат политичко партиски цели за промоција на одредени партиски субјекти и нивните политики во приватните медиуми“, се додава во нивната реакција.

Целосното писмо може да го погледнете на следниов ЛИНК.