Малата медиумска застапеност и мотивираноста проблем на младите волонтери

Медиумската застапеност, предизвиците и придобивките кои ги имаат од волонтерството, но и воопшто заинтересираноста на младите да волонтираат по одредени општествени проблематики, беа дел од прашањата отворени на денешната онлајн дискусија „Младите и волонтерството“, организирана од Фондација Метаморфозис.

Според излагањата на учесниците, заклучокот е дека младите највеќе сакаат да се вклучат во акции за зачувување на животната средина, но и во акции за поголемо младинско учество, па активно волонтираат за промени во своите училишта или пак отворање на простори како кина и младински центри во своите општини. Истовремено, волонтирањето на младите им помага тие да се стекнат со комуникациски или лидерски вештини, координација и тимска работа.

Младите застапени во медиумите само од младинските медиуми

За младиот волонтер Станиша Станковиќ, волонтерството претставува општествена придобивка, а вклучувањето кон акциии, неформални здруженија и активности се можности кои кај младите поттикнуваат  слобода на изразување и безбедна средина без предрасуди и стереотипи.

Тој истакнува дека придобивките од волонтирањето се огромни и за самото општество, бидејќи таквите искуства носат знаење и емпатија.

„Сметам дека волонтирањето кај младите е подобрено годинава, но има и фактори кои го попречуваат, особено младинската невработеност, положбата, ресурсите, како и обврските на младите. Преку волонтирањето сум адресирал доста проблеми и од оваа гледна точка можам да кажам дека преку иницијативите сме стасале до институциите, и сме нашле одредено решение. Тука, самите волонтери се запознаваат со правата и слободите, но и можностите кои ги имаат“, истакна тој на дискусијата.

Тој посочи дека постои подобрување со Министерството за образование и наука (МОН), па веќе во делот матура се признаваат и поени за активност од  волонтерите. Сепак, додава тој, не и од другите институции.

„Мојот предлог би бил волонтерски часови кои би биле запишани за волонтерите, ќе бидат од полза и ќе мотивираат да учествуваат. Средните училишта и факултетите, за жал. се уште не го проепознаваат волонтерството, ги признаваат само признанијата од државни натпревари по одредени науки, но не и волонтерите“, забележа тој.

Станковиќ посочи дека 2022 година е прогласена за младинска година од ЕУ, но не знае дали информациите за ова и за активностите во рамки на истата им се достапни на волонтерите.

„Земјава има волонтери и позитивните примери можеме да ги видиме околу нас. Позитивен пример беше акцијата на Црвен крст, кога младте волонтери беа вклучени во масовната вакцинација, односно пунктовите, но тоа не го виде поголемата јавност и тоа не беше пренесено во медиумите.  Агенцијата за европска мобилност, НМСМ и Волонтерскиот центар сметам дека треба да влијаат врз видливоста на самите волонтери, особено во делот на националните сервиси, каде што не се застапени“, истакна тој.

Станковиќ истакна дека за волонтерите највеќе може да се прочита на младинските медиуми, но за поголемите акции нема да може да се информирате од националните сервиси.

„Единствено може да видите честитки по повод Денот на волонтерството. Ако зборуваме за младиунските медиуми, како Мета и Радио МОФ, тие споделуваат за поголеми и помасовни акции, но поголемите медиуми и те како го занемаруваат ова“, вели тој.

Слично размислување сподели и Мариана Ангелова, генерална секретарка на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), која посочи дека медиумите ги запоставуваат младите, но не само волонтирањето, туку се’ што е релевантно и важно за младите – носење на политики, застапување на иницијативи на младинските организации и промоција на работите на младинските организациии.

„Се согласувам со Станиша, најголемиот дел од информациите се споделувани исклучиво од младинските медиуми како Мета и Радио МОФ, другите информации многу тешко добиваат медиумски простор, или па користиме можност кога медиумите немаат други информации да споделат. И тоа е нешто што дефинитивно треба да се смени бидејќи младите и младинските организации работат на одлични работи во оваа држава и заслужуваат поголем простор“, вели таа.

Настан на Младите можат – ден на волонтерството

Како до поголема мотивираност за младинска акција

Според Ангелова, уште еден од проблемите со кои се соочуваат младите волонтери е мотивираноста.  Таа посочува дека преку работата на НМСМ, се забележува дека мотивацијата за волонтирање кај младите луѓе е најголема доколку тие имаат круг на пријатели кои се засегнати од ист проблем и сакаат самите да го решат, па се мотивираат самите меѓусебе.

„И покрај таа нивна мотивација, ние, и младинските организации и граѓанското општество, а најмногу носителите на одлуки, особено на локалните заедници знаат да ја убијат таа мотивација кај младите луѓе, без да ги поддржат соодветно. Затоа, многу важно и во мотивацијата, младите луѓе да имаат соодветна поддршка од сите чинители, како што се младинските организации, носителите на одлуки ако се работи за некои помали акции, некој да го заштитува тоа што тие го сработиле и најважно, она што и мене ми беше најважно кога јас волонтирав во младинска организација е да ја имам апсолутната слобода да си ја организирам активноста, мојата група на луѓе како што сакам, тоа значи ние заеднички да донесуваме одлуки, ние да планираме што ќе се случува, како ќе се случува и зошто ќе се случува“,  вели таа.

Волонтери не се плаќаат не затоа што се бевредни, туку зашто се бесценети

Според Андреј Наумовски, од Волонтерски Центар Скопје, кај нас волонтерството се’ уште е подложено на стигми, односно се гледа како кон неплатена работна дејност. Тој дополнува дека сепак, основата на волонтерството е дека самите  сакаме да „донираме“ време и средства и интелектуален капацитет за некое општо добро.

„Кај нас и општо кај луѓето е полесно да се најдат проблемите, отколку кон доброто. Ако зборуваме за предизвици, би можеле 10 дена да зборуваме за предизвиците со кои се соочуваме. Мислам дека најважно е ниската општествена свест за што е волонтерството, како функционира, правењето разлика меѓу волонтерството и стажирањето и кои се придобивките од волонтирањето. Поради непознавањата што е тоа волонтерство, како тоа треба да функционира, треба да се каже дека е потребна програма, договор, дека во некои случаи следи паричен надоместок. Волонтирањето функционира, меѓутоа секогаш може да биде подобро. Има простор за подобрување на законската рамка. Ќе се донесе и Стратегијата за волонтерство, Законот за волонтерство треба да се ревидира, но покрај институционалната страна, мислам дека може да се поправи и од приватниот сектор, односно да се почне со вреднување на волонтерството како искуство.“, нагласи тој.

Наумовски информираше дека Волонтерски Центар моментално изработува прирачник за управување со волонтери во граѓански организации кој ќе биде доставен до сите чинители во Македонија.

Според Метин Муареми, претседател на Центарот за едукација и развој (ЦЕД), волонтери не се плаќаат не затоа што се бевредни, зашто се бесценети. Тој посочи дека најважно е кога волонтерите сами чувствуваат дека треба да направат нешто за општеството, а дополни дека токму таа идеа, заедно со мотивираноста и вклученоста, се најважни за младите.

„Како организација, веќе 15 години, сме имале над 500 домашни волонтери и над 30 волонтери од странство. Многу е важно младите да бидат мотивирани, бидејќи волонтерството им помага тие да ги развијат своите капацитети. Предизвиците со кои ние се соочуваме се највеќе од институционален аспект, недостатокот на институционалната поддршка. Младите волонтери од другите држави неретко се сретнуваат со разни предрасуди дека се шпиони и пренесуваат што се работи во државата, па потребно е да се подигне нивото на свеста. Волонтерството треба да биде институционално признаено“, вели тој.

Ивана Смилевска