„Младите и волонтерството“ – онлајн дебата на 19 август

„Зошто волонтирањето е важно за младите луѓе и како истите да се мотивираат за да се ангажираат во волонтерството? Дали и колку младите се активни како волонтери во земјава? Кои се придобивките од истото за самите волонтери, а кои за заедницата и општеството?“, се дел од прашањата кои ќе бидат отворени на онлајн дебатата „Младите и волонтерството“, која ќе се одржи во петок, на 19 август.

Дебатата ќе започне во 11 часот напладне, а во неа ќе учествуваат Марко Ѓоргиевски, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност,  Метин Муареми, претседател на Центарот за едукација и развој (ЦЕД),  Мариана Ангелова, генерален секретар на Националниот младински совет на Македонија, Андреј Наумовски, од Волонтерски Центар Скопје и Станиша Станковиќ, волонтер во неколку граѓански организации.

Учесниците на дебатата ќе ги отворат и прашањата за тоа кои области и проблематики имаат приоритет и потреба од млади волонтери, како и за тоа дали и како волонтерството треба да се промени за да ги поддржи младите да се справат со предизвиците на иднината.

Дебатата е во организација на Фондацијата Метаморфозис, а ќе биде отворена од Ендру Бренд, раководител на програми во Британската амбасада во Скопје.

Онлајн дебатата може да се проследи преку платформата „Зум“, а учесниците ќе зборуваат на македонски, албански и англиски јазик, при што е обезбеден превод на секој од јазиците.