ТикТок корисниците се охрабрени да промовираат нездрава храна

Корисниците на социјалната мрежа ТикТок се охрабрени да промовираат и продаваат производи за нездрава храна и пијалаци од одредени брендови, покажува нова студија.

Всушност, јавува „Еуроњуз“, брендовите ги претвораат корисниците во нивни неофицијални „бренд амбасадори“ и со тоа самите компании се во можност да добијат што поширок број на потрошувачи.

Авторите на студијата што е објавена во списанието „BMJ Global Health“ сметаат дека ТикТок прераснува во новиот извор на маркетинг за нездрава храна.

Новите откритија, според авторите, покажуваат дека платформата треба да воведе нови опции со цел да се обезбеди поголема безбедност на децата и штетното влијание што ваквиот маркетинг го има врз нив.

При истражувањето било увидено дека во септември 2021 година просечниот број на корисници на ТикТок на дневно ниво бил 1 милијарда луѓе.

Во обид да го проценат влијанието на маркетинг содржините поврзани со промовирање нездрава храна и пијалаци, истражувачите ја разгледале целата објавена содржина на 16 големи брендови што се производители на храна и безалкохолни пијалаци.

Според крајниот резултат, забележале дека во 2019-2021, барем 536 видеа биле објавени вкупно од сите 16 профили со просечен број на прегледи 64.400. Преку користење на тагови сите 16 брендови го зголемиле бројот на прегледи од 12,7 до 107,9 милијарда.