МОФ отвора повик за учество во проект за медиумска писменост – „Младите размислуваат“

Младински образовен форум отвора повик за членови на УРА тимот (Учиме да распознаваме), советодавно тело на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.

„Младите размислуваат“ е 5 годишен проект чија цел е да ја зголеми медиумската писменост и критичкото размислување меѓу младите, да ја зголеми примената на медиумската писменост и вештините за критичко размислување, како и да го зголеми квалитетот и релевантноста на медиумските содржини наменети за младите и оние кои се креирани од самите млади лица.

Од МОФ истакнуваат дека во рамките на проектот предвидено е создавање на младинско советодавно тело: УРА – „Учиме да распознаваме“, кое ќе дава поддршка на проектот за да се обезбеди редовна размена на информации во врска со спроведувањето на активностите и нивното влијание врз младите.

„Примарен фокус на работата на ова тело ќе биде изборот на теми, пристапи, модули и активности поврзани со медиумската писменост, а во насока на ефективно остварување на проектните цели и активности. Членовите на УРА тимот ќе учествуваат во: процесите за доставување предлози, идеи, препораки и евалуација на активностите во проектот;
спроведување на дел од активностите на проектот користејќи ги нивните лични познавања и вештини, како и во редовните средби на секои три месеци каде ќе се дискутираат активностите кои ќе се спроведуваат во рамките на проектот.

Од Младинскиот образовен форум нагласуват дека со учеството во советодавното тело, членовите на УРА тимот ќе стекнат значајно искуство важно за нивниот личен и кариерен развој, ќе ги зголемат своите знаења за медиумската писменост и ќе стекнат напредни вештини како што се критичкото размислување и аналитичкиот пристап, но и ќе станат амбасадори на проектот „Младите размислуваат“.

„Членовите ќе имаат можност да се сретнат и да се поврзат со свои врсници, но и со специјалисти од различни области, да се запознаат со работата и функционирањето на различни меѓународни и домашни организации, ќе имаат можност да учествуваат во обуки и активности, стекнувајќи повисоки нивоа на вештини во доменот на медиумска писменост и критичко размислување, ќе бидат вклучени во спроведувањето дел од активностите во рамките на проектот и ќе добијат сертификат за учество во програмата“, велат од МОФ.

Оттаму информираат дека членови на советодавното тело можат да бидат сите млади луѓе од државата кои се подготвени да дадат свој придонес за развивање на медиумската писменост во општеството и да се посветат на работата на советодавното тело.

Заинтересираните кандидати треба да ги исполнуваат следните услови – да се на возраст помеѓу 16 и 29 години, да имаат некакво искуство во работа со млади луѓе, да се запознаени со општествениот контекст и условите во кои живеат младите, да се креативни, имаат инцијатива и знаат да бидат тимски играчи кои се заинтересирани за директно да придонесат кон развивање на способностите за критичко размислување кај младите преку реализирање на активностите во проектот.

За изборот ќе биде одговорна комисија составена од членови на ИРЕКС, Младинскиот образовен форум (МОФ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС). Изборот на членови ќе биде направен врз основа на доставените пријави од страна на кандидатите.

При изборот на членови на советодавното тело ќе се води грижа за родова, етничка, географска и тематска разнообразност.

Заинтересираните кандидати треба да достават кратка биографија со податоци за искуство поврзано со целите на проектот „Младите размислуваат“, мотивациско писмо и податоци за контакт (телефон или е-пошта) на кандидатот/ката.

Повикот е отворен до 6 октомври 2021 година. Потребната документација може да се достави електронски на следната адреса info@mof.org.mk со назнака “Пријава за учество во советодавното тело „Учиме да распознаваме (УРА)”.

Ќе се разгледуваат само пријавите кои имаат целосна документација и се доставени во определениот рок. Потребните документи може да бидат испратени на македонски или албански јазик.

Избраните кандидати ќе бидат известени за резултатите од изборот во рок од 10 дена по истекот на рокот за пријавување. Дополнителни информации можат да се добијат на: info@mof.org.mk.

Проектот „Младите размислуваат“ е спроведуван од ИРЕКС заедно со Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Младинскиот образовен форум (МОФ). Активностите во „Младите размислуваат“ се спроведуваат со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).