Високообразовни институции ќе развиваат медиумска писменост преку студиски програми

Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Универзитетот на Југоисточна Европа и Американскиот универзитет на Европа – ФОН се четирите високообразовни институции кои до март 2023 година ќе ги ажурираат постоечките или ќе воведуваат нови предмети за медиумска писменост во студиските програми.

Тие добија грантови на јавниот повик на ИРЕКС и Институтот за комуникациски студии (ИКС) во рамките на проектот на УСАИД за медиумска писмеснот „Младите размислуваат“, со цел да работат со студентите, имплементираат идеи, материјали и да унапредуваат истражувања во областа. Повикот ќе се повторува и следните години.

Потребата за воведување медиумската писменост во високото образование денеска на настан во „Александар Палас“ беше аргументирана преку анализа, која покажа дека 24 акредитирани високообразовни институции нудат студиски програми што содржат теми од областа на медиумите, комуникациите, новинарството и информатичките технологии, а заклучно со 2021 година во ниту една од програмите нема предмет медиумска писменост.

Во истражувањето се вклучени 15 интервјуа со професори од високообразовните институции и 7 фокус групи според што се констатира дека медиумската писменост не е доволно вкучена во високото образование.

„Во основните и средните училишта има предмети во кои е вклучена медиумска писменост, и тоа остава простор за нејзино имплементирање и во високото образование. Како клучен рамковен документ за воведување што ние го утврдивме е усвоената стратегија за образование со акцискиот план за годините 2018-2015 од Министерството за образование и наука каде медиумската писменост е вградена во вид на планирани активности за развивање на општи и генерички компетенции како критично размислување, аргументирани одлуки, примена на знаење“, рече комуникологот Сеад Џигал, кој ја презентираше анализата.

За сега, предмети во кои е опфатена темите за медиумската писменост има во студиските програми по новинарство и Институтот за социологија на Правниот факултет, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и факултетот за комуникации при Меѓународниот балкански универзитет.

Според истражувањето, потребно е да се работи на усогласување на законодавството и стратегиите подобро да се воведе концептот и терминот на медиумската писменост, да се продлабочи соработката со сите инволвирани институции и зајакнување на постоечките  мрежни асоцијации како што е мрежата за медиумска писменост што е во координација на агенцијата за аудио и аудиовизуелни уметности, а пожелно е д асе оформи база на образовни ресурси што би биле достапни онлајн, материјали, презентации, видеа, софтвер што би им служел на наставниците при нивната работа со студентите.

„Она што го имаме досега треба да се развива и доработува, медиумската писменост треба да се гледа како интегрален процес и не само во високото образование, општеството треба да овозможи алатки за подобрување на вештините во ова поле и по завршување на формалното образование“, истакна комуникологот Џигал.

На настанот, учесниците беа согласни дека концептот на критичко размислување и опсервирање на работите не значи само критика на медиумите и борба со дезинформации, туку поставување на прашања. Односно, кога ќе почнеме да создаваме идни генерации кои ќе поставуваат прашања за се’, пред се за тезите со кои се согласуваат, тогаш ќе почнеме да создаваме квалитетно општество што може да функционира на демократски начин.

Ангела Бошкоска
Фото: ИКС